САД го нападнаа Иран: Техеран најави одговор по нападот: „Ќе има трајни последици“

Макфакс

22/06/2025

08:44

2.916

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ги завршиле нападите врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ги Фордо, Натанц и Есфахан.

„Го завршивме нашиот многу успешен напад на три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ги Фордо, Натанц и Есфахан. Сите авиони сега се надвор од иранскиот воздушен простор“, напиша тој на својата социјална мрежа доцна синоќа.


Тој, исто така напиша и дека ова е историски момент за Соединетите Американски Држави, Израел и целиот свет. Иран сега мора да се согласи да стави крај на оваа војна, додаде Трамп.

Дополнително се закани со дополнителни напади врз Иран доколку Техеран не се согласи на итен мир со Израел.


Во кус телефонски разговор за агенцијата Ројтерс, Трамп ги нарече американските напади врз иранските нуклеарни постројки „неверојатен успех“.

„Тие треба веднаш да се согласат на мир. Веднаш да престанат. Во спротивно, повторно ќе бидат погодени“, рече Трамп.

Техеран најави одговор по нападот на САД: „Ќе има трајни последици“

Иран го задржува правото на сите опции за самоодбрана по американското бомбардирање на иранските нуклеарни постројки, објави иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи на платформата „Икс“, нагласувајќи дека американските напади се невидени и ќе имаат трајни последици.


Иранскиот министер изјави дека САД, како постојана членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, извршиле сериозно прекршување на Повелбата на Обединетите нации со нападот на иранските нуклеарни постројки.

„Настаните утринава се срамота и ќе имаат трајни последици. Секоја членка на ОН мора да биде вознемирена од ова крајно опасно и криминално беззаконие“, рече Аракчи.


Иран го задржува правото на сите можности да го брани својот суверенитет, своите интереси и својот народ, во согласност со Повелбата на Обединетите нации и одредбите кои дозволуваат легитимен одговор во самоодбрана, заклучи иранскиот министер.