[ФОТО] Иран го надмудри Трамп, „пукаше во празно“: Сателитските снимки покажуваат необична активност во Фордо неколку дена пред нападот

Точка

22/06/2025

13:47

1.832

Големина на фонт

а а а

Високи ирански извори за Ројтерс изјавија дека поголемиот дел од високо збогатениот ураниум на локацијата во Фордо бил отстранет пред нападот на САД.

Ројтерс, исто така, објави дека бројот на персонал во подземниот објект во Фордо е намален на минимум, а висококвалитетните сателитски снимки од 19 и 20 јуни покажуваат невообичаена активност на камиони и возила во близина на влезот во подземниот објект во Фордо кои веројатно го ваделе ураниумот.

Снимките од „Максар“ прикажуваат група од 16 товарни камиони паркирани покрај патот што води до влезот во тунелот на објектот.




Повеќето од овие камиони подоцна беа преместени приближно еден километар северозападно од патот што води до објектот.

Снимките, исто така, прикажуваат дополнителни камиони и неколку булдожери во близина на главниот влез на локацијата, вклучувајќи еден камион поставен непосредно  до главниот влез на тунелот.

Инаку Фордо е еден од најважните ирански објекти за збогатување ураниум што го нападнаа САД, заедно со Натанц.

Американскиот претседател Доналд Трамп изнесе тврдења дека тие целосно ги уништиле тие објекти за збогатување ураниум, но нема потврда дека тоа всушност се случило. Иранските власти дури тврдат дека објектите претрпеле само површинска штета.


Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека досега не е забележано зголемување на нивото на зрачење надвор од целните локации.

Иранските власти го информираа своето население за истото, уверувајќи ги дека нема опасност по нивното здравје. Реза Кардан, заменик-директор на Организацијата за атомска енергија на Иран, изјави дека „не е забележана никаква трага од радиоактивна контаминација надвор од нападнатите локации“.

Тој, исто така, истакнува дека однапред се направени планови и преземени мерки за заштита на граѓаните во случај на американски напад.

„И покрај криминалниот чин на утринскиот напад врз нуклеарните постројки, благодарение на тие мерки, не е регистрирана никаква контаминација“, изјави Кардан за иранската новинска агенција ИРНА.