Пејачката Ана Барбара Бур Булдрини починала од срцев удар неколку часа по естетската операција во болница во Турција. Нејзината смрт предизвика шок, особено по обвинувањата дека ноќта пред операцијата ја поминала во алкохолизирана состојба на забава со својот хирург.
Имено, Ана Барбара (31) минатиот петок отпатувала од Мозамбик во Истанбул со својот сопруг, уметникот Елгар Мајлс, за да се подложи на зголемување на градите, липосукција и операција на носот. Како што изјавил Мајлс за бразилскиот медиум „О Темпо“, процедурите биле компензација за промоција на болницата Туса.
„Таа сакала да го подобри својот изглед, тоа бил нејзин сон“, рекол Мајлс.
Забава со хирургот и ненадејна промена на датумот на операцијата
Парот, кој се венчаше пред само еден месец, наводно излегол со хирургот кој требало да ги изврши процедурите во сабота навечер, според бразилскиот медиум „Џи1“. Ана и Елгар првично побарале операцијата да се одложи за да имаат уште еден ден за подготовка и одмор.
„Поради проблеми со закажувањето, хирургот одлучил да ја премести операцијата за во недела. Отидовме во клиниката само за да ја видиме, но докторот инсистираше веднаш да ја направи процедурата, иако Ана не беше подготвена“, изјавил Мајлс.
Лекарите уверувале дека сè е под контрола
И покрај тоа што излегла претходната ноќ, Ана Барбара била убедена да продолжи со операциите. „Лекарот ме увери дека нема да има проблеми и дека сè ќе помине добро“, рече Мајлс.
Процедурите беа извршени, а Ана била пуштена од операционата сала околу 23 часот во неделата. Потоа на Мајлс му беше дадена фотографија на која наводно се гледа како неговата сопруга заздравува.
Персоналот му кажал дека таа сè уште е под анестезија и дека наскоро ќе се разбуди. Сепак, како што минувало времето, тој забележал дека однесувањето на персоналот се менува.
Лекарите без објаснување
„Ми рекоа да одам во собата, но асистентите се однесуваа чудно. Чекав еден час и 15 минути“ изјавил Мајлс. „Се симнав долу и еден лекар ми рече дека нејзиното срце чука многу бавно, додека друг рече дека веќе починала.“
Лекарите беа приведени на сослушување од турската полиција, но подоцна беа пуштени.
Болницата негира одговорност: „Не успеавме да ја реанимираме“
Во изјава за турските медиуми, болницата Туса тврди дека немало медицински грешки и дека персоналот направил сè што можел за да ја спаси пејачката.
„И покрај сите напори на нашиот стручен тим за анестезиологија, не можевме да ја реанимираме пациентката“, се вели во соопштението на болницата.
Љубовна приказна со трагичен крај
Ана Барбара и Елгар Мајлс се венчале на 3 мај во Мапуто, главниот град на Мозамбик, шест години откако се запознале во Рим. Во тоа време, таа работела во студио за тетоважи веднаш до неговото музичко студио.
„Таа беше личноста што ме сакаше најмногу, најмногу веруваше во мене“, рече Мајлс. „Само сакам правдата да биде задоволена и овој случај да биде предупредување за секој што планира слични процедури.“
Емотивна порака за збогум
Во емотивна објава на Инстаграм, Мајлс сподели длабоки мисли по загубата на својата сакана:
„Нашите последни денови беа премногу убави за да завршат вака. Ќе те сакам засекогаш затоа што те избрав. Поминавме години градејќи го нашиот мал свет, а сега сум сам во оваа соба, без поддршка. Ветив дека ќе те заштитам и ќе те сакам како кралица и прекрасната личност каква што си одвнатре и однадвор. Не е фер да се живее без тебе. Сакам да бидам таму каде што си ти, затоа што ништо друго нема смисла без тебе.“