Минчев потпиша меморандум во Црна Гора: Целта е да се придонесе кон поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции

Макфакс

18/06/2025

15:43

105

Големина на фонт

а а а

Министерот за јавна администрација на Република Македонија, Горан Минчев, денес во Подгорица потпиша Меморандум за соработка со неговиот црногорски колега, министерот за јавна администрација на Црна Гора, Мараш Дукај.

Преку овој меморандум, двете земји ја формализираат меѓусебната соработка во клучни области како дигитализација на јавните услуги, управување со човечки ресурси, добро управување, транспарентност и професионализација на јавната администрација.

„Овој документ не е само формалност – тој е патоказ за заедничка иднина, за зајакнување на институционалните капацитети и за ново поглавје во билатералните односи помеѓу Република Македонија и Црна Гора“, изјави Минчев.

Меморандумот предвидува размена на искуства, експертиза и најдобри практики, како и заедничка реализација на проекти поддржани од Европската Унија и меѓународни партнери.

Целта е да се придонесе кон поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции, соопштуваат од Министерството.

„Реформата на јавната администрација не е само внатрешна обврска, туку и надворешен сигнал – дека нашите институции се подготвени за европските стандарди, за модерно управување и вистински партнерства во регионот.“ – додаде тој.

Министерот упати благодарност до црногорските домаќини за нивното партнерство и за споделената визија за модерна, резултат-ориентирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните.

„Од Подгорица испраќаме заедничка порака: јавната администрација мора да биде двигател на интеграцијата, не нејзина пречка.

Професионализмот, транспарентноста и ефикасноста – не се луксуз, туку предуслов за стабилност, економски развој и членство во ЕУ.“

Оваа соработка претставува важен чекор кон зацврстување на регионалните врски и заедничко приближување кон европската иднина, се додава во соопштението на Министерството.