Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна посета во Општина Чаир, каде заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули, одржа средба со граѓани, локални бизнисмени и претставници на јавните институции.
Централна тема на средбата, како што информираа од Министерството, беше презентацијата на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година, со кој Владата вложува рекордни 40 милиони евра во поддршка на вработувањето и самовработувањето.
„Ова не е само план на хартија – ова е реална можност за над 10.000 лица да добијат пристојно работно место, поддршка за сопствен бизнис или обука на терен. Според последните информации со кои располагам поднесени над 4.500 апликации, што покажува голема доверба во мерките и подготвеност на граѓаните да преземат иницијатива“, изјави министерот Дурмиши.
Посебен акцент беше ставен на Мерка 3.1 – Обука кај познат работодавач, една од најдиректните форми на подготовка за вработување. Преку оваа мерка: работодавачите добиваат можност да обучат идни вработени според свои потреби, невработените лица стекнуваат конкретни практични вештини во реална работна средина, се создава можност за долгорочно вработување по завршување на обуката.
„Мерка 3.1 е мост меѓу невработените и работодавачите. Таа нуди обострана корист – компаниите добиваат обучен кадар, а граѓаните добиваат шанса за стабилна работа, рече Дурмиши.
Со Оперативниот план министерот потсети дека се активни и мерките за самовработување каде е особено голем интересот кај младите до 29 години за што се пристигнати повеќе од 3.000 апликации – мерка 1.1: До 7.000 евра за бизнис за лица над 29 години, мерка 1.2: До 10.000 евра за млади до 29 години со иновативни идеи, мерка 1А: До 20.000 евра за заеднички бизниси на најмалку две лица.
„Преку теренските презентации, Министерството за економија и труд, заедно со Агенцијата за вработување имаат за цел директно да ги информираат граѓаните и да ги поттикнат да аплицираат. По Чаир, каде што интересот беше особено голем, следуваат посети во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со повисока стапка на невработеност“, велат од Министерството.