Израел им забрани на граѓаните да ја напуштаат земјата со авион, ова е причината

Макфакс

18/06/2025

15:34

1.501

Големина на фонт

а а а

Израел им забрани на своите граѓани да ја напуштат земјата со авион, наведувајќи безбедносни причини по ескалацијата на непријателствата со Иран, според блискоисточните медиуми

Според израелскиот „Хаарец“, владата им наредила на домашните авиокомпании да не им дозволуваат на израелските граѓани да се качуваат на летови, додека стравувањата од можни ирански одмазднички напади врз израелските аеродроми растат.

Аеродромот „Бен Гурион“, главниот меѓународен аеродром во Израел, е затворен „до понатамошно известување“. Според „Мидл Ист Монитор“, одлуката наводно произлегла од загриженоста на безбедносните службеници за ризикот од пренатрупаност и можни масовни жртви во случај на ирански напад врз аеродромите.

Израелската министерка за транспорт Мири Регев ја објави мерката, велејќи:

„Во оваа фаза нема да дозволиме Израелците да ја напуштат земјата“.

Таа објасни дека во моментов само странски државјани – како што се дипломати и туристи – имаат право да ја напуштат земјата.

Регев, исто така, потврди дека владата подготвува операција за враќање на повеќе од 100.000 израелски граѓани кои моментално се наоѓаат во странство, ветувајќи дека процесот ќе се спроведува постепено и на планиран начин.

Ограничувањата за патување доаѓаат по нападот на Израел врз иранскиот аеродром Машхад, што предизвика стравувања дека аеродромите сега би можеле да се сметаат за легитимни цели.