Муртезани ја пречека данската министерка за европски прашања: Во фокусот проширувањето на ЕУ и планот за раст

Макфакс

18/06/2025

11:40

117

Големина на фонт

а а а

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска е домаќин на министерката за европски прашања на Кралството Данска, Мари Бјере.

Средбата се одржа во контекст на подготовките за претстојното данско претседателство со Советот на Европската Унија, кое што започнува на 1 јули годинава. Во фокусот на разговорите и на тет-а-тет средбата и на пленарниот состанок на делегациите, беа европската интеграција на Северна Македонија, приоритетите на Владата, билатералните односи и регионалните и геополитичките случувања.

Министерот Муртезани ја истакна важноста на обновената политичка динамика во рамките на ЕУ, поттикната од промената на институционалното раководство и актуелните геополитички околности, како можност за суштинско враќање на политиката на проширување како стратешки приоритет на Унијата.

Тој посочи дека Северна Македонија останува цврсто посветена на европскиот пат, преку доследна имплементација на Реформската агенда во рамки на Планот за раст на ЕУ, како и преку унапредување на владеењето на правото, ефикасноста на институциите и борбата против корупцијата.

Министерката Бјере ја реафирмираше принципиелната поддршка на Данска за политиката на проширување базирана на заслуги, оценувајќи ги реформските чекори на Северна Македонија како кредибилен сигнал за зрелост и посветеност.

Таа го поздрави усвојувањето на Реформската агенда 2024–2027 и изрази подготвеност за зајакнување на билатералната и експертската соработка во насока на унапредување на административните капацитети и транспарентноста на реформскиот процес. Во светло на приоритетите на претстојното данско претседателство со Советот на Европската Унија, беше нагласено дека во услови на комплексна геополитичка реалност, приоритетите на Претседателството – безбедност, конкурентност и одржливост – добиваат особена тежина. Министерот Муртезани ја поздрави посветеноста на Данска кон унапредувањето на политиката на проширување, особено кон земјите од Западен Балкан, како и поддршката за Украина и зачувувањето на европската безбедност.

Во таа насока, беше оценето дека зелената транзиција, дигиталната трансформација, енергетската безбедност и иновациите се области од заеднички интерес, каде што земјите-кандидати и државите-членки можат да градат подлабока соработка.

Муртезани и Бјере разменија мислења и за одлуката на Европската Унија, Северна Македонија да биде домаќин на Состанокот на лидерите на Западен Балкан, посветен на имплементацијата на Планот за раст, кој наскоро ќе се одржи во Скопје. Соговорниците се согласија дека Самитот, организиран во партнерство со Европската комисија, претставува признание за активната улога на Северна Македонија во процесот на структурирање и реализација на оваа стратешка иницијатива, но и важна можност за размена на искуства и координација на понатамошните чекори кон приближување до единствениот пазар на ЕУ.

Министрите се осврнаа и на неодамнешните посети на високите претставници на Европската Унија и во тој контекст, беше заклучено дека е од клучна важност кредибилитетот на процесот на проширување да се зајакне преку конкретна поддршка, предвидливост и постојан ангажман на институциите и земјите-членки на Унијата, како и активно вклучување на регионот во настани организирани во рамки на Претседателството со Советот на ЕУ.