Манчестер Јунајтед има сериозна потреба од квалитетни засилувања во летниот преоден рок, а раководството веќе е максимално активно и се обидува да му обезбеди нови играчи на менаџерот Рубен Аморим.
По многу шпекулации поврзани со Виктор Ѓекереш и неговото (не)доаѓање на „Олд Трафорд“, премиерлигашот направил конкретен чекор и ги започнал преговорите со Ајнтрахт за Иго Екитике.
22-годишниот француски интернационалец е мета на повеќе премиерлигашки клубови, па затоа Манчестер Јунајтед решил веднаш да тргне во офанзива и да се обиде да го добие потписот на фудбалерот кој последната сезона постигна 15 голови во Бундеслигата за својата екипа.
Англискиот клуб почнал да разговара со агентите на Екитике и паралелно ќе мора да испрати прва понуда до клубот од Франкфурт, но медиумите најавуваат дека може да има брз развој на настаните, затоа што Јунајтед не сака да извиси како во случајот со Лиам Делап, кој го избра Челси.
Активна останува и опцијата Брајан Мбеумо, но Камерунецот може да заврши и во Тотенхем, каде повторно ќе соработува со менаџерот Томас Франк.