Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше и се обрати на меѓународната конференција Budapest Global Dialogue 2025, која се одржува во главниот град на Унгарија, во организација на Унгарскиот институт за меѓународни прашања и Фондацијата за следење на истражувањата.
Во своето воведно обраќање на конференцијата, министерот Муцунски ја нагласи потребата од проактивна и кохезивна европска политика во услови на зголемена глобална нестабилност и променлив геополитички контекст. Притоа, истакна дека посилна и покоординирана Европска унија, во партнерство со стабилна трансатлантска врска, претставува суштински предуслов за справување со надворешните предизвици и зачувување на безбедноста и просперитетот на европскиот континент.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен на политиката на проширување, која министерот Муцунски ја оцени како стратешки важна за релевантноста и иднината на Европската унија. Тој подвлече дека нашата држава и земјите од Западен Балкан се составен дел од европската безбедносна и економска архитектура, како и од напорите за зголемување на конкурентноста и иновативноста на Унијата.
„Европската интеграција на регионот не треба да се гледа исклучиво како геополитички избор, туку како заедничка стратешка потреба и одговорност,“ истакна министерот Муцунски.
Во своето излагање тој подвлече дека македонскиот народ ја има платено цената на трпение и компромиси, но нагласи дека постојат линии што нема да бидат преминати — затоа што тие ја определуваат суштината на нашиот национален идентитет.
„Нашиот јазик, идентитет и културно-историски континуитет не може да бидат предмет на преговори. Тие се душата на нашата нација. Посветени сме на интеграцијата, но подеднакво и на одбраната на нашето достоинство и правото да бидеме тоа што сме — без услови, без извинување, без бришење,“ рече Муцунски.
Тој додаде дека ова не е став на инает, туку на самопочит, потенцирајќи дека иднината во Европа мора да се гради врз взаемно признавање и доверба, а не врз бришење на историјата или наметнати наративи.