Италијанската фудбалска Федерација одлучи да тргне по друг пат и му порача на Лучијано Спалети дека вечерва го има последниот натпревар како селектор на националниот тим, информација која вчера ја потврди и самиот стручњак во најавата за мечот со Молдавија.
По неполни две години како предводник на националниот тим, Спалети не ги оправда очекувањата и не успеа да се избори за напредок во репрезентацијата, па така „аѕурите“ сега повторно се наоѓаат на крстопат, исто како што беше случај кога Манчини неочекувано си замина од селекторската позиција.
Италија до месец септември ќе мора да избере нов селектор кој ќе го води најсилниот тим, но како што јавуваат медиумите, офанзивата кон првиот фаворит била активирана уште вчера, и тоа од првиот човек Габриеле Гравина.
Претседателот на Италијанската Федерација отпочнал „невозможна мисија“ и директно стапил во контакт со Клаудио Раниери, од кого побарал сега да биде и спасител на репрезентацијата, откако изминативе месеци ја спаси сезоната на Рома.
Иако имаше силни напори да остане уште една година на „Олимпико“ како тренер, Раниери се повлече и го избра Гасперини за свој наследник, а од стартот на наредната сезона, треба да ја извршува улогата на советник во римскиот клуб.
Тоа што изгледаше сосема нормално сценарио сега се комплицира поради инсистирањето на Гравина да го ангажира Раниери, кој според информациите, ја префрлил топката на спротивната страна.
Како што јавуваат медиумите, Раниери не го одбил Гравина после едночасовниот разговор, но му порачал дека ќе мора да постигне договор и со Дан Фредкин, првиот човек на Рома.
Покрај Раниери, Италијанците во моментов имаат и втора опција за наследник на Спалети, а тоа е Стефано Пиоли.