Овој човек би можел да му задава главоболки на Брисел: „ЕУ нема да нѝ наредува“

Точка

02/06/2025

22:21

4.707

Големина на фонт

а а а

Историчарот и поддржувач на американскиот претседател Доналд Трамп, Карол Навроцки е новиот претседател на Полска. Во вториот круг од изборите тој освои 50,89% од гласовите и го победи либералниот кандидат и градоначалник на Варшава, Рафал Тржасковски, кој доби 49,11 % од гласовите.

Ова го објави во понеделник наутро Централната изборна комисија во Варшава, по напнато пребројување на конечните гласови, пренесе Дојче Веле.


Ова значи дека сегашниот премиер Доналд Туск од централно-левичарскиот блок доби нов противник кој доаѓа од истиот политички блок како и претходниот претседател Анджеј Дуда, кој немаше право повторно да се кандидира по два петгодишни мандати.


Набљудувачите очекуваат Навроцки, како и Дуда, да ги блокира сите либерални реформи иницирани од владата на Туск. Во Полска, претседателот има поголеми овластувања отколку, да речеме, во Германија и може пресудно да влијае врз насоките на внатрешната и надворешната политика на земјата.

Поддржувач на Доналд Трамп

Политички неискусниот 42-годишен Навроцки, кој не припаѓа на ниедна партија, но на изборите беше поддржан од опозициската национално-конзервативна партија „Право и правда“ (ПиС), на крајот оствари предност од само 370.000 гласови, во земја со околу 38 милиони жители, што е уште еден доказ за длабоките политички поделби во Полска.


За време на изборната кампања, Навроцки постојано се изјаснувал како поддржувач на политиката на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој, исто така, користел тон сличен на оној на националните конзервативци во Источна Европа: критики кон Украина, покажување симпатии кон Москва и реторика против украинските бегалци во земјата (кои ги обвини дека се збогатуваат на сметка на Полска).

Во Полска, овој список треба да се дополни и со редовни критики кон Германија и споменување на воените репарации, кои редовно ги спомнуваат конзервативните политичари, првенствено претседателот на ПиС, Јарослав Качињски.

Сигнали против Брисел

Иако претходниот претседател Дуда во многу политички сегменти застапувал спротивни ставови на сегашната полска влада, Туск и Дуда беа обединети во осудата на руската агресија врз Украина и во политичката цел за зајакнување на одбранбените капацитети на Полска. Ова би можело да се промени со Навроцки, кој остро се спротивставува на какво било споменување на приклучувањето на Украина кон НАТО. Навроцки, исто така, најави „различни тонови“ во други политички сегменти, за кои постои консензус во остатокот од Европската Унија.


„ЕУ на Полска ништо нема да ѝ наредува“, повторуваше тој често за време на изборната кампања. И тоа во земја која значително ја зајакна својата економија во последните години благодарение на членството во Европската Унија.


„Ние ќе победиме и ќе ја спасиме Полска. Нема да дозволиме Доналд Туск да остане на власт“, рече Навроцки во моментот кога стана јасно дека победил. За време на изборната кампања, медиумите постојано изнесуваа детали од младоста на историчарот и страстен боксер – Навроцки (како аматерски боксер во младоста имал извесни успеси во тешка категорија), кој за време на студиите работел и како рецепционер во луксузен хотел во Варшава. Оттогаш, му се припишуваат и контакти со мафијата и подземјето.

Можни се предвремени избори?

Набљудувачите проценуваат дека Доналд Туск, кој најде заеднички јазик и со Брисел и со Берлин, ќе мора да се носи со фактот дека новиот претседател ќе стави вето на секој закон што не му се допаѓа во следните пет години.


Ова особено се однесува на оние закони со кои Туск се обидува да ја поправи штетата, особено кога станува збор за независноста на судството, кои ги предизвикаа владите предводени од ПиС кои владееја до 2023 година.

Полските медиуми очекуваат дека Туск, со цел да ја зајакне својата позиција, веќе оваа недела би можел да постави прашање за доверба на неговата влада во парламентот, а некои дури споменуваат и распишување предвремени избори.