МФАА: Се спроведува политика за намалување на застапеноста на Албанците во администрацијата

Макфакс

04/06/2025

14:15

281

Големина на фонт

а а а

Младинскиот форум на Алијансата за Албанците изразува длабока загриженост и револт поради, како што велат, тековниот процес на деалбанизација на јавната администрација во Северна Македонија.

„Неодамна објавените податоци за вработувањето во државните институции сведочат за систематска и намерна дискриминација врз Албанците, кои се отворено исклучени од можностите за вработување и унапредување во државните структури. Со постапките на оваа Влада, целосно водена од агендата на ВМРО, се задаваат директни удари врз меѓуетничката кохезија и граѓанската рамноправност“, велат од таму.

Во едноставна нумеричка анализа, велат од АА, од вкупно 205 неодамнешни вработувања и унапредувања во институции, како што се: Заводот за статистика, Државниот архив, Управата за јавни приходи, Министерството за култура, Централниот регистар, Царината, хидроелектраните во Струга, Маврово-Ростуше и „Спиле Дебар“, а неодамна и во РЕК „Битола“, само двајца Албанци се вработени или унапредени во овие институции наспроти 205 Македонци.

„Оваа алармантна диспропорција е јасен показател за намерна политика за намалување на застапеноста на Албанците во администрацијата. Во овој контекст одговорноста паѓа директно и врз првиот вицепремиер Изет Меџити, кој не успеа да ги заштити интересите и застапувањето на Албанците во Владата. Неговото недејствување во однос на оваа отворена дискриминација го прави соодговорен во овој опасен антиалбански и антиевропски процес. Вицепремиер што не реагира кога Албанците се исклучени од институциите, не ги претставува Албанците“, велат од МФАА.

Од таму ги повикуваат сите млади Албанци да не го прифаќаат молчењето како нормалност и да не стануваат жртви на манипулациите на еден стар систем со нови актери.