Зошто Мицкоски го штити началникот Томо Донев, прашува Костовски по трагедијата во Кочани

Макфакс

04/06/2025

14:17

205

Големина на фонт

а а а

Зошто Обвинителството ги амнестира од одгворност сите актуелни полициски функционери на ВМРО-ДПМНЕ од најголемата трагедија во историјата на Македонија, пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 62 млади луѓе, а 200 беа повредени? Дали Обвинителството ги заштитува од одговорност овие луѓе по наредба на Христијан Мицкоски? Зошто Христијан Мицкоски лично и директно ја попречува истрагата за Кочани, праша Мартин Костовски од СДСМ.

Дополнително, праша дали се плаши дека доколку Обвинителството постапи во согласност со законот, истрагата за пожарот ќе доведе до него.

За Костовски, нејасно е зошто од истрагата е изоставен Томо Донев, кој до несреќата повеќе од една година е началник за криминалистички работи во Кочани.

„Дали и Донев, како и другите полициски функционери на ДПМНЕ во Штип и во Кочани, е дел од параполициските партиски структури на ВМРО-ДПМНЕ, кои рекетираат и аминуваат криминал во Источна Македонија?

Дали Томо Донев е изоставен само затоа што е член на ВМРО-ДПМНЕ и редовно ги посетувал состаноците на партијата во Кочани?

Како е можно и покрај сите информации што ги имала полицијата, службени белешки од полициски службеници, објави на социјални мрежи дека во дискотеката нелегално се користат пиротехнички материјали, началникот за криминалистички работи, кој е надлежен за сите инспектори во Кочани, да не одговара за катастрофалниот пропуст на полицијата, кој доведе до ситуација во која 62 лица го загубија својот живот, а 200 да бидат повредени?

Како е можно да нема одговорност кај полицијата за нелегалната употреба на пиротехнички материјали“, додаде Костовски.

Оценува дека токму Томо Донев е по херархија надреден во отсекот за оружје, експлозиви и опасни материи во Кочани, кој морал по закон да врши надзор над употребата на пиртотехника во градот.

„Како е можно и покрај сите јавно објавени фотографии од дискотеката ‘Пулс’, на кои се гледа дека нелегално се користи пирхотеника, никој да не направи надзор и контрола дали оние што управувале со пиротехниката имаат дозвола за ракување со неа?

Дали партијата е пред правдата?

Дали личните интереси на Христијан Мицкоски се поважни од солзите на мајките во Кочани?

До кога Обвинителството ќе молчи пред фактите и доказите, кои упатуваат на кривична одговорност кај голем број актуелни полициски функционери“, вели Костовски.

СДСМ, како што нагласи, нема да запре со име и презиме да ги именува оние што ја завија Македонија во црно.