Светската боксерска федерација (World Boxing) објави дека сите боксери и боксерки кои сакаат да настапуваат под нејзино покровителство ќе мора да се согласат на задолжително генетско тестирање за утврдување на полот. Новото правило веднаш донесе конкретни последици – Иман Хелиф, златна олимпијка од Париз 2024 во велтер категорија, нема да може да се натпреварува бидејќи одбива да го направи тестот.
Хелиф нема да смее да настапува без тест
Во официјалното известување испратено до Алжирската боксерска федерација стои дека Хелиф нема да смее да учествува на претстојниот "Eindhoven Box Cup", кој се одржува од 5 до 10 јуни, како ни на кој било друг настан под организација на Светската боксерска федерација, сè додека не прифати тестирање во согласност со новата политика на организацијата.
Клучната точка на тестирањето е анализата на присуство на "SRY" генот, кој се наоѓа речиси исклучиво на "Y" хромозомот и има клучна улога во развојот на машките полови карактеристики. Тестирањето е едноставно – преку брис од нос, уста, плунка или земање крв – а сите натпреварувачки над 18 години ќе мора да докажат дека го немаат овој ген доколку сакаат да останат во женска конкуренција.
Доколку има "XY" хромозоми – преминува во машка категорија
Ако кај спортистката се утврди присуство на машки хромозоми (XY) – било да се работи за стандардна машка генетика или за состојба позната како разлики во полов развој (DSD) – таа автоматски ќе биде пренасочена во машка категорија. "World Boxing" во својата политика истакнува дека признава исклучиво две категории – машка и женска – и дека целта на овие мерки е да се „обезбеди безбедност и рамноправна конкуренција меѓу спортистите“.
Интересно е што, и покрај сомнежите за полова подобност поради кои минатата година беше дисквалификувана од Светското првенство организирано од "IBA", Хелиф доби дозвола од Меѓународниот олимписки комитет (МОК) да настапи на Олимписките игри во Париз, каде што освои злато. Но, според новите правила на Светската боксерска федерација, понатамошни настапи без генетска потврда нема да бидат дозволени.
„Родена сум како девојка, израсната како девојка и целиот живот се доживувам како девојка. Не се гледам поинаку“, изјави Хелиф во март.
Серии на тестирања
Во соопштението што ја придружува новата политика, Светската боксерска федерација наведува дека тестирањата се дел од поширок систем што ги вклучува и возраста и тежинската категорија – сè со цел да се заштитат натпреварувачите и да се зачува интегритетот на спортот. Иако тврдат дека го почитуваат достоинството на секој поединец, организацијата смета дека јасно дефинираните полови категории се неопходни за фер натпреварување.
Новите правила предвидуваат можност за жалба, но не дозволуваат постоење на категории надвор од бинарната поделба. Лицата со "DSD" кои имаат "XY" хромозоми, покачени нивоа на тестостерон или способност телото да го користи на машки начин, нема да можат да се натпреваруваат во женска конкуренција.