Анализа: Грчката федерација „удри“ по МВР, а не по РК Алкалоид

Дерби

28/05/2025

12:24

1.509

Големина на фонт

а а а

Грчката ракометна федерација направи дополнителен притисок кон ЕХФ со вчерашното писмо потпишано од претсеателот и генералниот секретар на оваа асоцијација, но забележителна е мала промена во наративот, при што нападите сега се врз органите за безбедност во Македонија.

Укажувајќи дека АЕК го организирал првиот натпревар без забелешка, како и дека „фер плејот води потекло од нивната земја“, тие бараат од ЕХФ повторно одигрување на натпреварот со навивачи од двата клуба, како право кое произлегува од правилниците, а им било ускратено.

Во прашањата поставени низ текстот, тие никаде не го споменуваат клубот домаќин, ниту ракометарите на РК Алкалоид кои им одржаа лекција во првиот натпревар среде Атина.

„На четврток, 22 мај, добивме од Вас известување за безбедносните проблеми што настанале во Македонија, и со право се поставуваат следниве едноставни прашања:

Зошто министерот надлежен за безбедноста во државата открива безбедносен проблем дури по првиот натпревар и само неколку дена пред вториот?

Зошто државните органи не можат да обезбедат присуство на 650 навивачи во сала со капацитет од 7.000 места и нивен пристап од границата до арената?

Зошто АЕК беше притиснат, само неколку дена претходно, да игра втор финален натпревар во вакви услови?

Зошто, на средбите одржани помеѓу претставниците на двата тима, безбедносните органи на Македонија и Европската Федерација, ако навистина постоеше толку сериозен безбедносен проблем (за кој не бевме однапред известени), не беше предложено, од причини на еднаквост, финалето да се одигра со соодветно намалување на бројот на навивачи за двете екипи (на пр. 200 билети за АЕК – 2.000 билети за Алкалоид)?“

Неизлегување на терен е меѓу најтешките прекршоци што може да се направи во спортот, затоа што се нанесува несогледлива штета по самото натпреварување, а потоа и кон ТВ гледачите и ТВ куќите кои ангажирале финансиски и работни средства за да овозможат директен пренос, потоа кон нивните комерцијални партнери и на самиот крај кон локалната публика.

Од друга страна, независноста во работата на органите на безбедност е посебна приказна. Неодамна имаше пример дека Виртус Болоња по наредба на Националното тело за превенција на инциденти не им дозволи на играчите на Партизан да влезат во салата, ниту да купуваат карти кои беа строго продавани на лица со резиденцијален статус во регионот на Емилија Ромања.

Од друга страна, Грција не може да се пофали со добро поведение: тие напуштија натпревар во репрезентативна конкуренција за жени U17 (ракомет), бидејќи на нашите дресови пишувало Македонија, заради што добија казна од 25.000 евра и беа исклучени од натпреварувањето во 2017 година. Во 2021 година направија циркус по прашање на настапот на нашите фудбалери на Европското првенство користејќи МКД и ФФМ, но УЕФА го одби барањето потпишано од нивниот министер за спорт, Лефтерис Авгенакис.

Европската ракометна федерација треба да пресече дали „гревот“ околу билетите за АЕК е доволно голем за да на каков било начин ја оцрни позицијата на домашната страна, без оглед дали евентуалниот прекршок би се санкционирал со финансиска глоба или до толку ќе го уважи ставот на хулиганите од клубот во Атина, кои им забранија на своите ракометари да излезат на терен, па да определат нов термин за реваншот. Во меѓувреме, Алкалоид треба да одигра два меча од домашното првенство и два меча од Купот на РМ, што секако би значело преголема истрошеност за нивната страна и време за одмор на противниците и рекуперација на нивните повредени играчи.

Тоа ли е фер плејот што го цитираа од Грчката ракометна федрација?