Ракометниот клуб Алкалоид е морален победник без оглед на конечната одлука која ќе ја донесе ЕХФ за бизарната ситуација во финалето во Европскиот куп на ЕХФ.
Кога се беше подготвено за заверка на првата европска титула за клубот од Автокоманда, ривалите од Грција одлучија да не излезат на теренот и да режираат една невкусна ракометна игранка, па на тој начин беа изиграни и илјадниците македонски ракометни фанови кои се појавија во „Борис Трајковски“.
По убедливата победа во Атина, Алкалоид беше подготвен за историски успех вчеравечер во Скопје, но наместо тоа, гостите од Грција го испочитуваа барањето на своите навивачи и одбија да излезат на теренот.
Во нормални услови, ЕХФ не би требало да има разбирање кон ваквиот потег на Грците и се освен службена победа за Алкалоид ќе биде нефер и некоректна одлука, но во ситуација кога македонската јавност остана покуса за еден ракометен спектакл, клубот од Автокоманда испрати порака до своите навивачи кои во голем број се појавија во Спортскиот центар „Борис Трајковски“.
– Почитувана публико, ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ за Вашата поддршка која ни ја дадовте во СЦ „Борис Трајковски“ вечерва. Беше убаво да се видат полни трибини, како во еден глас навиваат за нашиот клуб и даваат поддршка. За жал, не по наша вина, финалниот натпревар со РК АЕК од Атина не се одигра поради тоа што противничкиот тим не сакаше да излезе на терен и да го одигра реваншот.
– Нашиот клуб е во константна комуникација со ЕХФ за понатамошниот исход од дуелот и за него ќе бидете известени преку нашите официјални клупски гласила. Уште еднаш, големо БЛАГОДАРИМЕ за сите што дојдовте во сала и му ја дадовте Вашата поддршка на РК Алкалоид!, – гласи објавата на Алкалоид.
Почитувана публико,
ОГРОМНА БЛАГОДАРНОСТ за Вашата поддршка која ни ја дадовте во СЦ „Борис Трајковски“ вечерва. Беше...
Posted by RK Alkaloid on Sunday, May 25, 2025