ПСЖ или Интер – Европа вечерва ќе добие нов шампион

Макфакс

31/05/2025

13:53

316

Големина на фонт

а а а

Фудбалерите на ПСЖ и Интер ќе го играат финалето на Лигата на шампионите на „Алијанц Арена“ во Минхен од 21:00 часот.

Парижаните ќе се обидат да го освојат првиот трофеј во историјата и да ја комплетираат „тројната круна“, додека тимот од „Џузепе Меаца“ го „лов“ четвртиот трофеј кој ќе значи и спас на сезоната, откако претходно не успеаја во Купот на Италија, а во фото-финишот ја загубија титулата во Серија А од Наполи.

Досега, единственото финале на ПСЖ во Лигата на шампионите беше пред пет години, кога беа поразени од Баерн Минхен (0:1). Интер ја освои последната титула во Лигата на шампионите во 2010 година, а пред две години беа поразени од Манчестер сити во финалето (0:1).

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, ја освои Лигата на шампионите пред 10 години со Барселона, исто така во Германија, но во Берлин против Јувентус.

Шпанецот на прес-конференцијата изјави дека пишувањето на историјата на клубот е неговата најголема мотивација пред финалето.

„Сакам да испишам историја во Париз. Да донесам радост во земјата, градот, клубот. Да станам првиот тренер што ја освоил ЛШ со ПСЖ е извонредно. Многу сум среќен што можам да уживам во овој натпревар. Ќе дадеме се од себе“, рече Луис Енрике.

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, кој пред две години со Интер го загуби финалето од Манчестер сити во Истанбул, верува дека шансите се 50:50.

„Финалето од пред две години може да ни помогне, пред сè, во нашите подготовки. Пред две години, луѓето прогнозираа дека Манчестер сити ќе нè прегази, но не тоа не се случи, тогш заслуживме да одиме во продолженија“, истакна Инзаги.

Интер го победи Баерн минатиот месец на стадионот каде што се игра финалето.

„Играњето тука и елиминирањето на Баерн ни даде многу сила да влеземе во полуфиналето со Барселона. Игравме и против Арсенал, Манчестер сити, Лајпциг и Баер Леверкузен оваа сезона, па добивме самодоверба во серија тешки натпревари“, заклучи Инзаги.

Усман Дембеле од ПСЖ изјави дека играњето во финалето на Лигата на шампионите е сон од детството и дека се надева дека ќе одигра одличен натпревар против Интер.

„Сонувам да играм вакви натпревари уште од мал. Се подготвувам за финалето мирно, сериозно и концентрирано. Морам да останам фокусиран на играта, на тимот, не само на себе, иако се надевам дека ќе одиграм одличен натпревар“, рече Дембеле на прес-конференцијата.

Дембеле, кој е еден од кандидатите за „Златната топка“ оваа година (33 гола, 13 асистенции), нагласи дека не размислува за тоа признание, кое се доделува на 22 септември.

„Фокусиран сум на тимот. Секако, тоа може да влијае на психата, но јас сум концентриран“, рече поранешниот напаѓач на Барселона.

Дембеле зборуваше и за патот на ПСЖ до финалето на Лигата на шампионите, бидејќи парискиот тим веќе беше блиску до елиминација во лигашката фаза (15-то место).

„Се чувствуваме многу горди што сме во финалето. Работевме многу, почетокот на сезоната не беше лесен. Исклучително е убаво да се биде тука во Минхен во финалето на Лигата на шампионите, бидејќи никогаш не знаете дали ќе го доживеете повторно“, додаде 28-годишниот француски фудбалер.