Кремљ го отфрли предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски да се одржи трилатерален самит со неговите колеги Владимир Путин и Доналд Трамп, чија цел е да се унапредат мировните преговори по повеќе од три години руска инвазија.
„Таков состанок мора да биде резултат на конкретни договори меѓу двете делегации – руската и украинската“, рече портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на брифинг со новинарите.
Рускиот претседател Владимир Путин веќе ја игнорираше поканата на Зеленски да се сретне со него во Турција во средината на мај.
Володимир Зеленски на прес-конференција утринава ја спомена можноста за трилатерален самит со американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ако Путин не се чувствува удобно за билатерална средба или ако сите сакаат трилатерална средба, тоа не ми пречи“, додаде тој.
За време на посетата на Берлин, каде што пристигна да разговара со новиот германски канцелар Фридрих Мерц, украинскиот претседател ја обвини Русија дека ги попречува мировните преговори барајќи „причини да не се прекине војната“.
Зеленски ја критикуваше Москва за одложување на изборот на земја домаќин за организирање на нови разговори по неуспешната прва средба во Истанбул во мај.
Американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, рече дека разговорите веројатно ќе се одржат во Женева, но Кремљ во средата нагласи дека сè уште не е донесена одлука.
Портпаролот Дмитриј Песков изјави дека подготовката на меморандумот што треба да биде испратен до Киев и кој ќе ги наведе условите на Русија за траен мировен договор е во завршна фаза.