Герасимовски: За два месеци доделени 208 субвенции за велосипеди

Макфакс

03/06/2025

11:11

132

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, информира дека за само два месеци доделени се нови 208 субвенции за купување велосипеди, со што вкупната бројка на дадени субвенции од 2022 година до денес достигна 584.

„Граѓаните сакаат да користат еколошки и економични средства за превоз. Со новите 208 субвенции за велосипеди за само два месеци, оваа мерка потврдува дека има голем интерес и реален ефект врз животната средина и мобилноста во Центар. Ги повикувам сите жители што сè уште не аплицирале, да го искористат отворениот повик и да поднесат барање. Заеднички можеме да придонесеме за поздрави навики, помал сообраќаен метеж и почист воздух“, вели Герасимовски.

Субвенциите се однесуваат на 30% од цената на превозното средство, но најмногу до 3.000 денари, како и до 1.000 денари за дополнителна опрема (детски седишта и кациги). Повикот е отворен од 24 март и важи сè додека не се исцрпат средствата, според принципот „прв дојден, прв услужен“.

Сите жители на Општина Центар кои сакаат да аплицираат, треба да достават барање со потребната документација – копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и фискална сметка во оригинал. Документите се поднесуваат во архивата на Општина Центар, барака бр. 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот, информираат од општината.