Фудбалер на Јунајтед му покажа среден прст на навивач: „Не се каам!“

Точка

30/05/2025

12:29

462

Големина на фонт

а а а

Фудбалерот на Манчестер Јунајтед, Амад Диало, изјави дека не се кае за непристојниот гест што го упати кон навивачите во Малезија, тврдејќи дека претходно бил испровоциран со навреда на сметка на неговата мајка.

На снимките што брзо се проширија на социјалните мрежи, се гледа како 22-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска го покажува средниот прст додека бил пред хотелот со своите соиграчи во Куала Лумпур, на почетокот од оваа недела.

„Имам почит кон луѓето, но не и кон оној што ја навредува мојата мајка. Не требаше така да реагирам, но не се каам за тоа што го направив. Сепак, имавме прекрасно време во Малезија со прекрасни луѓе“, напиша Амад на социјалната мрежа „X“.


Азиската турнеја на Јунајтед почна неславно, откако тимот беше поразен од селекцијата на Југоисточна Азија со 0:1 на пријателски натпревар во Куала Лумпур, по што публиката реагираше со свирежи.

Разочарувањето не го криеше ниту премиерот на Малезија, Анвар Ибрахим, кој беше меѓу 72.500 гледачи на стадионот Букит Џалил. Тој низ шега изјави: „Ајде, Манчестер Јунајтед повторно без трофеј. Изгледа ве чека уште една тешка сезона – се надевам дека нема да испаднете во Чемпионшип.“

Тимот потоа се упати кон Хонгконг, каде ги очекува следниот натпревар во рамки на турнејата.


„Не бевме фокусирани на последниот натпревар и сите го чувствуваат тоа. Сакаме да свртиме нов лист и да бидеме подобри следната сезона“, изјави тренерот на Јунајтед, Рубен Аморим.

Манчестер Јунајтед ја заврши сезоната во Премиер лигата на 15. место – најлош пласман во историјата на клубот, само четири дена по поразот во финалето на Лигата на Европа од Тотенхем, со што остана без европски трофеј.