Норвешкиот режисер Јоаким Трир повторно блесна на Канскиот филмски фестивал, каде што премиерно беше прикажан неговиот нов филм „Sentimental Value“ (Сентиментална вредност), добивајќи неверојатни 19-минутни стоечки овации од публиката, објавува „Дедлајн“.
Оваа исклучително топла, емотивна, но сепак хумористична семејна приказна веднаш го привлече вниманието на критичарите, што ја направи еден од главните кандидати за „Златната палма“.
За овој филм, Трир повторно ги здружи силите со актерката Ренате Реинсве, со која веќе постигна голем успех во 2021 година во Кан, кога Реинсве ја освои наградата за најдобра актерка за нејзината изведба во неговиот филм „Најлошиот човек на светот“.
Заедно со Реинсве, во филмот глумат и познатиот шведски актер Стелан Скарсгард, Инга Ибсдотер Лилас и американската актерка Ел Фенинг. Сите тие прошетаа по црвениот тепих пред големата премиера на филмот и предизвикаа возбуда кај насобраните обожаватели и медиумите.
Публиката на Кан е позната по своите силни емотивни реакции, но овациите што ги доби новиот филм на Трир го рангираат меѓу најдобро прифатените филмови во историјата на фестивалот.
Иако не постои официјален метод за мерење на времетраењето на аплаузот на фестивалот, се верува дека рекордот е во рацете на Гиљермо дел Торо и неговиот филм „Пановиот лавиринт“, за кој наводно добил 22-минутни овации во 2006 година. Сепак, 19-те минути на Трир не се далеку од тој рекорд и јасно го покажуваат влијанието што филмот го имал врз гледачите.
Extraordinary 19-MINUTE ovation for Joachim Trier’s Sentimental Value starring Renate Reinsve, Elle Fanning, Inga Ibsdotter Lilleaas and Stellan Skarsgård #Cannes2025 pic.twitter.com/K77kK8wtom
— Deadline (@DEADLINE) May 21, 2025
Сентиментална вредност носи приказната за Нора (Ренате Рејнсве), актерка која, со својата помлада сестра Агнес (Инга Ибсдотер Лилеас), се среќава со својот отуѓен татко Густав (Стелан Скарсгард), некогаш познат режисер.
Густав, во обид да ја оживее својата кариера, ѝ нуди на Нора улога во неговиот филм за враќање во кариерата. Сепак, откако ја одбива понудата, таа наскоро дознава дека улогата ѝ припаднала на амбициозна млада холивудска ѕвезда, која ја игра Ел Фенинг.
Филмот, на суптилен, но моќен начин, ги истражува сложените семејни динамики, разочарувањата, недоразбирањата и емоционалните рани што се пренесуваат низ генерациите. Покрај тоа што се занимава со теми за идентитет, семејна одговорност и простување, Трир повторно успеа да ја одржи својата карактеристична рамнотежа помеѓу драмата и хуморот.
Дистрибутерската компанија „Неон“, позната по серијата успешни соработки со режисери чии филмови ја освоија „Златната палма“ (вклучувајќи ги и последните пет добитници на фестивалот), минатата година ги купи северноамериканските права за филмот на Трир. Правата за дистрибуција низ целиот свет ги поседува платформата „Муби“.