Малиот електричен автомобил ќе се произведува во фабрика на „Renault“.
„Nissan“ се обидува да закрепне по неколку тешки години во континуитет. Во последните 12 месеци, компанијата загуби 4,5 милијарди долари и сега планира драстични мерки за намалување на трошоците.
До крајот на деценијата, „Nissan“ ќе отпушти 20.000 вработени и ќе затвори седум фабрики.
Сепак, планот „Re: Nissan“ не се однесува само на кратење на трошоците – тој подразбира и пристигнување на повеќе нови модели.
По новата генерација на моделот „Leaf“, кој е глобален кросовер, „Nissan“ сега претставува нешто посебно за европскиот пазар.
"Micra" се враќа во Европа по двегодишна пауза – и тоа како целосно електричен автомобил!
За разлика од претходните пет генерации што користеа мотори со внатрешно согорување, новата „Micra“ е исклучиво електрична и базирана на моделот „Renault 5“.
„Преправената“ "Micra" има редизајниран преден и заден дел со кружни светла за да се разликува од „Renault“.
Ниту профилот не е идентичен – се истакнува проширениот втиснат дел под прозорците. Задните рачки се сè уште скриени во „C“ столбот, а пластичната заштита на долниот дел од вратите ѝ дава визуелен шмек на „Renault 4“.
Иако се работи за мал автомобил, "Micra" доаѓа со 18-инчни тркала во три дизајнерски варијанти, вклучувајќи и верзија со капаци.
Сепак, сличностите стануваат очигледни при влез во кабината. Внатрешноста е речиси целосно преземена од „Renault 5“.
Сите верзии имаат два екрана со дијагонала од 10,1 инчи, благо свртени кон возачот, како и многу физички копчиња под вентилацијата.
Реткост за оваа класа е амбиенталното осветлување со дури 48 бои.
"Micra" ќе се нуди со две опции на батерии: 40 kWh и 52 kWh.
Основната верзија има 122 коњски сили (90 kW), додека посилната со поголема батерија нуди 150 коњски сили (110 kW).
Вртежниот момент кај послабата верзија е 225 Nm, додека кај посилната 245 Nm.
Помалата батерија обезбедува автономија од 310 км, а поголемата до 408 км со едно полнење.
Постојат и разлики во тежината – основната верзија тежи 1.400 кг, додека посилната достигнува 1.524 кг.
Колку е навистина мала новата "Micra"?
Должината на возилото е под 4 метри (3.998 мм), ширината е помала од 1,8 метри (1.798 мм), а меѓуоскиното растојание изнесува 2,54 метри.
Ќе биде достапна исклучиво како модел со пет врати, а користи и „multilink“ задна суспензија – реткост во овој сегмент, директно преземена од "Renault 5".
„Nissan“ ќе ја лансира новата "Micra" низ цела Европа до крајот на годината, кога „Renault“ ќе започне со нејзино производство во фабриката во Дубаи, каде од 2024 се произведува и моделот "R5".
Цената ќе биде објавена кога ќе се приближи стартот на продажбата, а се очекува да изнесува нешто над 25.000 евра – колку што чини „Renault 5 E-Tech“ – бидејќи "Micra "е планирана како попремиум алтернатива на "R5".
"Micra" нема да биде единствениот нов електричен модел на „Nissan“ за Европа – следната година пристигнува и електричниот "Juke", инспириран од концептот "Hyper Punk", а во 2026 и новиот "Renault Twingo" ќе добие своја "Nissan" верзија.