Вардар беше најдобар македонски тим во вториот дел од сезоната и благодарение на импресивните игри избега од опасната зона и заврши на петтото место, успех кој сега сите во клубот посакуваат да биде надограден и со трофеј во Купот.
Тимот од Скопје се избори за пласман во големото финале во најмасовното фудбалско натпреварување во нашата земја, а во пресрет на натпреварот кој се игра утре против Струга, првата најава ја имаа претставниците на Вардар.
Гоце Седлоски како лидер на пресвртот на Вардар посочи дека неговиот тим одигра безброј финалиња оваа втора полусезона, па е убеден дека тимот ќе одработи како што треба и утре на најважниот натпревар.
– Вардар е подготвен да даде се што има во финалето, ќе бидеме подготвени да го дадеме максимумот. Знаеме дека за противник ќе имаме незгоден ривал кој лани беше првак на Македонија, но ние се гледаме себе. Вардар долго чека вакво финале, цели 18 години, па планот е да дадеме максимум и со помош на фановите да ја оствариме целта која ја зацртавме за оваа полусезона.
– Имаше макотрпна работа од мене и играчите во вториот дел од сезоната, го искачивме Вардар во горниот дел, завршивме петти и покрај многу притисоци. Заслуживме да бидеме горе, а сега со победа во финалето да ја заокружиме сезоната и да се обидеме натпреварот да заврши во наша полза. Одигравме безброј финалиња оваа полусезона, останува уште она утре. Се надевам на позитивен развој, – изјави Седлоски.
Вардар 18 години чека на трофејот во националниот Куп, па Горан Закариќ како капитен на Вардар смета дека е вистинско време за прекинување на постот.
– Чест ми е што сум тука како капитен на Вардар, а како што кажа тренерот, Вардар 18 години чека на трофеј во Купот. Се надеваме дека ќе уживаме во натпреварот и дека со помош на навивачите ќе се избориме за посакуваниот трофеј. За разлика од некои други, јас сум тука од првиот ден од сезоната, знам низ што минавме, имаше тежок период и следеа доста промени. Откако Седлоски седна на клупата, следеше голема промена и покажавме што можеме да одиграме оваа пролет. Да го дадеме максимумот и утре и да стигнеме до посакуван успех, – изјави Закариќ пред утрешното финале кое се игра на националната арена „Тодор Проески“ со старт од 20:00 часот.