Верати го купува клубот каде што ја започна кариерата – моментално се во трета лига

Точка

20/05/2025

21:17

831

Големина на фонт

а а а

Марко Верати (32) во текот на својата играчка кариера стекна значително богатство, најмногу благодарение на долгиот престој во Пари Сен Жермен, каде што мина дури 11 сезони. Во 2023 година, реши да го напушти и францускиот клуб и европскиот фудбал, и потпиша за Ал-Араби од Катар, каде што исто така има високи примања.

Сега, според пишувањата на италијанските медиуми, Верати одлучил дел од своето богатство да инвестира во клубот каде што ја започна кариерата. Тој е многу блиску до купување значителен удел во Пескара, клубот во кој фудбалски созреа и дебитираше како професионалец во 2008 година.

Иако нема да биде мнозински сопственик, се очекува Верати да преземе околу 40% од сопственичките удели, за што, како што се наведува, ќе издвојува околу 1.5 милиони евра. Според информации на "Il Centro", 32-годишниот плејмејкер веќе потпишал преддоговор, а сите формалности треба да бидат завршени во следните неколку недели.


Пескара моментално е во третата италијанска лига

Пескара е и единствениот италијански клуб во кој Верати играше пред трансферот во странство. Дебитираше со само 15 години, а најдлабока трага остави во сезоната 2011/2012, кога со клубот обезбеди пласман во Серија А под водство на легендарниот Зденек Земан. Токму тогаш го ангажираше ПСЖ.

Во сезоната 2024/2025, Пескара го заврши натпреварувањето во Серија C – група Б на четвртата позиција, и останува да се види дали со финансиската помош на Верати, клубот ќе успее да направи чекор напред кон повисок ранг.

Што се однесува до неговата играчка кариера, во моментов е надвор од терените поради повреда на коленото. Сè погласни се шпекулациите дека би можел да се врати во ПСЖ по истекот на актуелниот договор наредниот месец, но засега нема потврда дали тоа навистина ќе се случи.