Трамп до Путин: Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време

Макфакс

19/05/2025

23:01

374

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин и актуелниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска телефонски разговараа и за иднината на американско-руските односи, а Кремљ соопшти дека и двајцата изразиле подготвеност за лична средба. Тема на разговор била новата размена на затвореници меѓу двете земји.

Како што јави Ројтерс, советникот за надворешна политика на Путин, Јуриј Ушаков, рече дека двајцата претседатели „детално разговарале за иднината на односите меѓу САД и Русија“, и дека Трамп, според него, „многу емотивно зборувал“ за можностите за соработка.

„Тој особено нагласи дека изгледите за билатерални односи по решавањето на украинскиот конфликт изгледаат импресивни и дека ја гледа Русија како еден од најважните американски партнери во однос на трговијата и економијата“, рече Ушаков.

Тој додаде дека двете страни во моментов работат на договор за нова размена на затвореници, во која би биле вклучени девет лица од двете страни, но не прецизираше кога би можела да се случи размената.

Ушаков потврди дека Трамп и Путин изразиле желба за лична средба и дека нивните тимови ќе почнат со подготовки за евентуална средба, иако местото се уште не е договорено.

На прашањето дали се зборува за укинување на американските санкции, Ушаков одговори: „Трамп спомна дека во Сенатот е готов нацрт-закон за нови санкции, но додаде дека тој лично не е поддржувач на санкции, туку на договор.

Советникот на Кремљ, исто така, го истакна пријателскиот тон на разговорот, велејќи дека Путин и Трамп си се обраќале со нивните имиња, а Путин му честитал на Трамп за раѓањето на внукот.

Според Ушаков, Трамп рекол: „Владимир, можеш да ми се јавиш во секое време. Ќе ми биде драго да одговорам и да разговараме“.