Почина Ивана Ковачевиќ (44), сопруга на основачот и директорот на „EXIT“ Фестивал

Точка

19/05/2025

17:44

10.245

Големина на фонт

а а а

Ивана Ковачевиќ, сопругата на Душан Ковачевиќ, кој е основач на фестивалот Егзит, почина на 45-годишна возраст по битка со тешка болест. Веста ја сподели нејзиното семејство на нејзиниот Инстаграм профил.

„Со неизмерна тага и болка ве известуваме дека утрово во 05:00 часот душата на нашата сакана Ивана отиде кај ангелите. Таа беше, и останува, една од нив. Ја чувствуваме жива, поприсутна од кога било. Нејзината љубов, нежност, мир. Сè уште е тука со нас, вечно живее во нашите срца, како и од сите од вас кои ја сакавте и ја сакате и понатаму“, стои во објавата.


„Беше и останува синоним за љубов“

„Ивана беше и остана синоним за љубов. Едни од нејзините последни зборови на овој свет беа: ’Никој не знае колку ги сакам сите. Сите. Сите … ‘ Да ја продолжиме нејзината мисија сакајќи ги сите околу нас, да дозволиме моќта на нејзината незапирлива бескрајна љубов да го преобрази овој свет“, додаде нејзиното семејство.

Нејзиниот сопруг Душан ѝ посвети исклучително емотивна објава: „Драга моја Ивана, ти се обраќам во сегашно време, затоа што те чувствувам жива, поприсутна и посветла од кога и да е, во мене и насекаде околу мене. И додека танцуваш со ангелите, сакам да ти шепнам нешто важно … Ти ветувам дека со секој здив, мисла и дело ќе ги чувам нашите змејчиња и ќе ги водам низ животот да станат луѓе какви што отсекогаш сакавме да бидат.“


Болеста ѝ била дијагностицирана минатата година

На Ивана минатата година и била дијагностицирана непозната болест. Оттогаш, поддршка ѝ испраќаа бројни светски познати музичари и диџеи како што се „Black Eyed Peas“, Carl Cox, Nina Kraviz, Maceo Plex и John Newman. Пред неколку дена семејството на Ивана на социјалните мрежи ги замоли сите кои ја познаваат да се помолат за неа.

За потсетување, фестивалот „Егзит“ е основан во 2000 година. Првата година се одржуваше на новосадската плажа Штранд, а по една година беше преместен на Петроварадинската тврдина. Наскоро прерасна во голем фестивал, познат низ цела Европа. Во 2007 година беше избран за најдобар европски фестивал во Лондон. Годинава „Егзит“ треба да се одржи од 10 до 13 јули.