[ВИДЕО] Прво интервју на Брижит Бардо по 11 години - Постави само еден услов за да прозбори, а со изјавите за феминизмот и Жерар Депардје го шокира светот

Точка

16/05/2025

20:31

995

Големина на фонт

а а а

По 11 години, филмската дива, 90-годишната Брижит Бардо, даде интервју за телевизиската куќа „BFM TV“. Во таа прилика, таа имаше само еден услов – никој во тимот да не биде облечен во бело.

Иако нејзиното барање за многумина беше чудно, причината е многу едноставна – таа има огромен број животни на својот имот во Сен Тропе: кучиња, мачки, овци, кози и магариња кои слободно шетаат таму, па помислила дека би било штета телевизиските гости да се извалкаат.

Инаку поранешната актерка реши да појави во јавноста поради писмото што го испрати до претседателот Емануел Макрон, премиерот на земјата и парламентарците за да ја повика Франција да го забрани ловот со кучиња.

„Мислам дека можам да победам и на крајот на краиштата, ова е мојата последна борба“ - рече Бардо, која го нарекува овој вид лов „хорор“ и нагласи дека нејзината земја „апсолутно мора да се согласи да ѝ ја даде оваа победа“.


Како што раскажа некогаш најсексапилната жена на светот, таа сè уште е во одлична форма и ужива во животот, иако се повлече во осаменост.

„Имам голема среќа! Утрата ги поминувам во мојот имот Ла Мадраг, а попладневните часови во вилата Ла Гариг“, истакна таа.

„Многумина се лути на мене“

Инаку, Сен Тропе е нејзиниот рај, таму ги поминала некои од најубавите години од љубовта со Гинтер Сакс, со кого била во брак од 1966 до 1969 година.


Инаку Бардо се повлече од сцената во 1973 година, а сега го прокоментира тоа: „Немав што повеќе да кажам. Свесна сум дека тоа не им се допадна на сите. Во мојот живот често ме фотографираа и снимаа. Сега сакам природа, мир. Постојат многу луѓе, фотографи, кои се лути на мене поради тоа“.


Таа откри дека го прославила својот 90-ти роденден со рано легнување, а потоа со тага забележала дека ѝ недостигаат нејзините драги пријатели Ален Делон (почина во август) и Жан-Пол Белмон (почина во септември 2021 година):

„На 90 години, повеќе немаш пријатели“, истакна актерката и додаде дека не користи компјутер ниту мобилен телефон.

„Феминизмот не е моја работа“

Во интервјуто меѓу другото, Брижит зборуваше за нејзината добротворна работа и посветеност на заштитата на животните, што ги одбележа изминатите педесет години од нејзиниот живот и кариера, но се осврна и на движењето „MeToo“, кое во моментов е важна тема во француската јавност.


„Феминизмот не е моја работа. Ги сакам мажите“, рече поранешната актерка.

Кога ѝ беше посочено дека е можно да се сакаат мажи и да се биде феминистка, Бардо само одговори: „Не“.

Бардо го брани Жерар Депардје

Та исто така се осврна на случајот на Жерар Депардје (76), кој беше осуден за непристојно допирање на сценографка и помошничка-режисер за време на снимањето на филмот „Les Wallets Verts“ во Париз, а моментално е под истрага поради обвинувања дека силувал млада актерка во 2018 година.


Меѓутоа, Бардо е на страната на Депардје. „Оние кои имаат талент и стават рака на задникот на некоја девојка се осудени на пропаст. Би можеле барем да ги оставиме да продолжат со своите животи. Тие веќе не можат да живеат“, изјави Брижит. Таа исто така додаде дека актерот повеќе нема да може да најде работа.

Противничка на движењето „MeToo“

Сепак, ова не е прв пат Бардо да предизвика бура со своите скандалозни коментари на тема вознемирување и сексуална злоупотреба на жени во филмскиот свет.


Имено во 2018 година, таа потпиша отворено писмо во кое го нарече движењето „MeToo“ „ловец на вештерки“ и тврдеше дека актерките кои ќе се охрабрат да прозборат за сè низ што поминале само „бараат публицитет“.