Не е на добро: Не очекува геомагнетна бура, експертите предупредуваат на мрачно сценарио

Точка

16/05/2025

21:07

3.266

Големина на фонт

а а а

Сонцето има зад себе неколку многу активни денови, при што исфрли неколку силни соларни ерупции и облаци со врела соларна материја во вселената.

Во вторникот, на 13 мај 2025 година, сончевата пега со ознака "AR4086" експлодираше, ослободувајќи соларен блесок од класа "X1.2" – една од најсилните категории на вакви појави.

Потоа, во раните утрински часови на 14 мај, друга сончева пега – "AR4087" – предизвика блесок од класа "M5.3", по кој следуваше уште посилен блесок од класа "X2.7", а само неколку часа подоцна и блесок од класа "M7.7".

Зрачењето од овие соларни ерупции предизвика прекини на радио-сигнали на страната на Земјата која во тој момент беше свртена кон Сонцето, со што беа засегнати Северна и Јужна Америка, Европа, Африка, Блискиот Исток и Југоисточна Азија.

Северната светлина ја осветли ноќта поради ретка двојна соларна ерупција, а за вечерва се предвидуваат нови ерупции.


Дали Сонцето веќе го достигна соларниот максимум?

Сончевите блесоци се ненадејни и интензивни испади на електромагнетно зрачење што произлегуваат од региони со силна магнетна активност на површината на Сонцето – обично во или околу сончеви пеги.

Површината на Сонцето е преплетена со моќни магнетни полиња кои понекогаш се извртуваат и заплеткуваат. Кога тензијата станува преголема, магнетните линии можат да „пукнат“ и да се пренасочат, ослободувајќи огромна количина складирана енергија како соларен блесок.

Некои блесоци се значително посилни од други. Центарот за предвидување на вселенското време при "NOAA" ги класифицира сончевите блесоци во класи: A, B, C, M и X – при што секоја следна класа претставува десеткратно зголемување на интензитетот.

Блесоците од X класа се најсилни, но и најретки. Бројката по буквата ја означува точната јачина – на пример, блесок од "M9" е деветпати посилен од "M1".


Овонеделните блесоци од класа "X1.2" и "X2.7" се на понискиот крај на оваа најинтензивна класа. За потсетување, најсилниот блесок во последните седум години беше "X9", регистриран во октомври 2024 година.

Овие нови блесоци од класа X се првите од март наваму, според информациите на "Space.com", сестринскиот портал на "Live Science".

Сончевите блесоци предизвикуваат прекини во радио-комуникацијата поради екстремно рендгенско и ултравиолетово зрачење кое се апсорбира во атмосферата. Вообичаено, краткобрановите радио-сигнали се одбиваат од јоносферата, овозможувајќи им да се пренесуваат на големи растојанија.

Меѓутоа, при ерупција, зрачењето предизвикува засилена јонизација во долниот дел од јоносферата – особено во таканаречениот D-слој – што доведува до апсорпција, наместо одбивање, на радио-сигналите, особено оние со висока фреквенција.

Блесоците од класа X можат да предизвикаат значителни прекини на радио-сигнали на осветлената страна од Земјата, со што се засегнуваат морепловци, пилоти и навигациски системи базирани на сателити.


Во наредните денови, сончевата пега "AR4087" ќе се движи преку површината на Сонцето, носејќи ја Земјата директно во линијата на нејзино дејствување.

Ако "AR4087" продолжи да предизвикува соларни ерупции, може да доживееме нови прекини во радио-комуникацијата. А доколку блесоците бидат проследени со коронални масовни исфрлања (CME), можно е да дојде и до геомагнетни бури – појава што овозможува поларната светлина (аурора) да биде видлива многу подалеку од поларните региони.

Според Центарот за предвидување на вселенското време при "NOAA", постои голема веројатност дека во наредните три дена ќе има нови соларни ерупции, барем од класа M.

„Со оглед на магнетната сложеност, постои 65% веројатност за појава на блесоци од M класа до 17 мај, и 30% веројатност за X класа во истиот период“, соопшти Центарот во својата прогностичка анализа во четвртокот.