Невремињата и порастот на нивото на морето предизвикани од климатските промени, ги уништуваат вештачките плажи во Барселона, при што морето секоја година носи поголеми делови од крајбрежјето, што негативно влијае на туризмот.
Поради невремињата и наглиот пораст на нивото на морето, во последно време се намалуваат бројните крајбрежја во Барселона, а најмногу се погодени вештачките плажи.
Научниците предупредуваат дека најголемиот проблем настанува кога морето ќе стигне до инфраструктурата на градот, вклучувајќи ги и железничката пруга, куќите и претпријатијата.
Иако властите се обиделе да помогнат во доведување на изгубениот песок и градење на поединечни брани, тие напори не успеваат да ја следат брзината на ерозија на крајбрежјето.
Во споредба со природните крајбрежја, вештачките плажи исчезнуваат многу побрзо. Крајбрежјето Монтгат особено брзо се повлекува, тврдат жителите и властите.
„Секако дека ова загрижува затоа што сѐ повеќе и повеќе се влошува ситуацијата и не покажува знаци на запирање. Нашата заедница со морето тука е во опасност“, додала Ана Гарсија, туристка која секоја година изнајмува колиба на плажа во Барселона.
Таа се плаши дека летувањето покрај морето, на околу 30 минути возење од центарот на Барселона наскоро би можело да биде минато.
Како невремето го уништува крајбрежјето?
Поради планетарното загревање нивото на морето расте, главно поради топење на глечерите и ширење на морската вода како што станува потопла.
Тоа го зголемува ризикот од поплави и невремиња кои доведуваат до губење на земјиштето.
Европа е континент којшто најбрзо се загрева, со температури кои растат двојно побрзо во однос на 1980-тите години, според Службата за климатски промени на ЕУ Коперникус.
Невремињата во последните години предизвикале голема штета на крајбрежјето Монтгат.
Во април 2024 година, само едно невреме донело бранови високи и до пет метри, оставајќи делови од Монтгат речиси без плажа. Во Монтгат и крајбрежните плажи, главната штета се случува на есен и зима кога разорните временски системи познати под шпанската кратенка ДАНА носат јаки невремиња во јужна Европа.
Властите и жителите загрижени за иднината
Властите на Барселона проценуваат дека потребни се 60 милиони евра за да се постигне стабилизирање на крајбрежјето на Барселона кое се протега на 42 километри од кои 30 километри се плажите како Монтгат.
Стапката на раст на нивото на морето иницира уште повеќе загуби, велат академците.
„Нивото на морето се зголемило за 14 сантиметри во последните 25 години, додека пак брановите во просек се повисоки за 30 сантиметри. Значи, не мора да предвидуваме дека сето тоа ќе забрза. Туку сега можеме да кажеме дека е четири пати поголемо од 90-тите години. Верувам дека е време за климатска адаптација. Мерките вклучуваат градење на морски ѕидови, садење вегетација како бариери кон морето и други пристапи“, додале властите.