Компанијата „Huawei“ во вториот квартал од 2025 година ја презеде лидерската позиција на кинескиот пазар на паметни телефони, додека „Apple“ забележа раст на испораките во Кина за првпат по неколку месеци, покажаа денес објавените податоци на аналитичката куќа „Canalys“.
Според овие податоци, „Huawei“ во текот на второто тримесечје испорачал 12,2 милиони телефони, што претставува раст од 15 отсто во однос на истиот период минатата година.
Компанијата со тоа обезбеди 18 отсто пазарен удел и се врати на првото место според бројот на испораки во Кина, за првпат од првиот квартал на 2024 година, пренесува „CNBC“.
„Apple“ го зазеде петтото место со 10,1 милион испорачани уреди, што е раст од четири отсто на годишно ниво. Станува збор за првата забележана квартална експанзија на „Apple“ во Кина од крајот на 2023 година.
Компанијата „Canalys“ истакнува дека растот на испораките на „Apple“ е резултат на „стратешки прилагодени цени“ за новата серија на „iPhone 16“, попусти на кинеските платформи и повисоки цени за откуп на стари уреди.
Растот на испораките доаѓа само неколку дена пред објавувањето на кварталните резултати на „Apple“. Инвеститорите внимателно го следат ефектот на компанијата во Кина, бидејќи овој пазар носи клучен дел од приходите.
Акциите на „Apple“ од почетокот на годината паднаа за околу 14,5 отсто, бидејќи компанијата беше изложена на геополитички тензии и под притисок на американскиот претседател Доналд Трамп, кој повеќе пати ја повика „Apple“ да ја пресели производството на „iPhone“ од Кина во Соединетите Американски Држави.