Шампионот Бостон беше на добар пат да ја израмни серијата на 2:2 против Њујорк на второто гостување во „Медисон Сквер Гарден“, но домашниот тим одби да се предаде кога изгледаше дека не е доволно инспириран и на крајот се погрижи за неверојатен пресврт.
Никси губеа со 14 поени разлика во третата четвртина и изгледаа како тим кој губи нова битка на домашен терен, меѓутоа работите се променија и до крајот на овој период беше направен пресврт.
Кошаркарите на Њујорк го добија третиот период со 37:23 и влегоа во посакуван ритам, па во последните 12 минути ја довршија работата и му зададоа тежок удар на шампионот, кој најверојатно останува и без својот најдобар кошаркар.
Бостон последните минути ги играше без Џејсон Тејтум, кој за жал заработи повреда без да има контакт со противнички кошаркар, ситуации кои секогаш се најопасни за спортистите.
Тејтум се струполи на земја по едно лошо движење и низ солзи и во инвалидска количка го напушти теренот, па на крајот не можеше да им помогне на соиграчите кои загубија со 121:113.
Во третата победа на Њујорк за предност од 3:1 најдобри беа Брансон со 39 и Бриџис со 23 поени, додека несреќниот Тејтум беше најефикасен на паркетот со 42 поени.