Фудбалерот на Реал Мадрид, Џуд Белингем (21), е еден од најдобрите играчи во светот. Според „Transfermarkt“, офанзивниот играч од средниот ред вреди 180 милиони евра, а минатата сезона со „кралскиот клуб“ ги освои Ла Лига и Лигата на шампионите. За Реал досега има 91 настап, 36 голови и 27 асистенции, а за англиската репрезентација постигнал шест голови на 42 натпревари.
Сепак, според шпанската „Марка“, Џуд наскоро можеби нема да биде единствениот Белингем во Реал. Клубот има намера да го доведе неговиот 19-годишен брат Џoб Белингем, играч од средниот ред кој настапува за Сандерленд во Чемпионшип – втората англиска лига, која многумина ја сметаат за најтешка во светот.
Интерес за Џoб не покажува само Реал. Летово се очекува трансфер кој би можел да биде пресвртница во неговата кариера. Фудбалскиот инсајдер Флоријан Плетенберг уште во март објави дека РБ Лајпциг го следи младиот Белингем и веќе има собрани потребни информации за него. Лајпциг сè уште е во трката, но не е единствен – меѓу заинтересираните е и Борусија Дортмунд, чиј тренер е Нико Ковач.
⤵️ RB Leipzig and Borussia Dortmund are in the race to sign Jobe #Bellingham.
— Florian Plettenberg (@Plettigoal) May 7, 2025
Leipzig are still pushing hard. But even more teams are in the race … ✔️🏴 https://t.co/eJX0LcXjlv
Џoб Белингем пред плејофот во Чемпионшипот
Во тековната сезона, Џуб има четири голови и три асистенции на 40 натпревари за Сандерленд. Во април официјално беше прогласен за најдобар млад играч во оваа предизвикувачка лига, откако лани беше блиску до истото признание со седум постигнати голови.
Сандерленд го освои четвртото место во Чемпионшип и ќе игра во плејофот против Ковентри за влез во Премиер лигата.
Влезот во елитното натпреварување им носи на клубовите најмалку околу 150 милиони евра, без да се смета дополнителниот приход од влезници, сувенири и други извори. Според „Transfermarkt“, Џоб е проценет на 22 милиони евра, но шпанските медиуми шпекулираат дека англискиот клуб би барал најмалку 40 милиони евра. Тоа значи дека младиот Белингем има шанса ова лето, прво преку плејоф настапите, а потоа и евентуалниот трансфер во Реал, да му донесе на својот клуб вкупна добивка од речиси 200 милиони евра.
„Може да биде подобар од Џуд“
Џоб е млад англиски репрезентативец, а навивачите на Сандерленд го ценат поради неговата работна етика и менталитет – нешта што потсетуваат на неговиот брат Џуд, кој пред четири години ја започна својата кариера во Бирмингем. Борусија Дортмунд го откупи Џуд во 2020 година за 30 милиони евра, а три години подоцна Реал Мадрид го доведе за 113 милиони евра.
Џоб тргна по неговите стапки – на многу млада возраст стана еден од лидерите на екипата, а неговите игри будно ги следат големите англиски клубови. Поранешниот играч на Сандерленд, Мајкл Бриџес, неодамна изјави: „Неговата иднина е застрашувачка. Луѓето велат дека би можел да го надмине Џуд и да стане подобар играч од него.“