Зад нас е историско издание на Лигата на шампионите – остана само да дознаеме кој ќе ја освои титулата.
Дури 36 клубови од цела Европа, со исклучок на Русија, учествуваа во реформираното издание на најелитното клупско фудбалско натпреварување.
Наградниот фонд никогаш не бил поголем, а и покрај почетниот скептицизам околу новиот формат, мора да се признае дека промените беа вистински погодок – Лигата на шампионите по долго време беше возбудлива, интересна и драматична уште од првото коло.
Долго ќе се паметат борбите за пласман во плејофот и осминафиналето, како и спектакуларните натпревари како дуелите меѓу Атлетико и Реал, но и двомечот меѓу Интер и Барселона кој донесе неколку пресврти и дури 13 гола.
Каде и кога се игра финалето на ЛШ?
Само еден чекор ги дели италијански Интер и француски Пари Сен Жермен од трофејот со "ушињата".
Финалето се игра на 31 мај на еден од најпознатите европски стадиони – „Алијанц Арена“ во Минхен, домот на Баерн Минхен, со капацитет од 70.000 гледачи.
Инаку, „Алијанц Арена“ само еднаш досега била домаќин на финале во Лигата на шампионите – во 2012 година, кога легендарниот гол со глава на Дидие Дрогба му ја донесе првата европска титула на Челзи против домашниот тим, Баерн.
Колку ќе заработи победникот?
По победите над Барселона, односно Арсенал, финалистите веќе обезбедија по 18,5 милиони евра, а победникот ќе добие дополнителни 10,5 милиони.
Од таа сума, 6,5 милиони се за освојувањето на титулата, а уште 4 милиони за учество во натпреварот за УЕФА Суперкупот против победникот на Лига Европа, чиј финален натпревар ќе се одигра на 23 мај во Билбао.
ПСЖ оваа сезона од УЕФА инкасираше 137,92 милиони евра, додека Интер 136,63 милиони.
Што велат обложувалниците и статистиката?
Според обложувалниците, благ фаворит е ПСЖ, со коефициент околу 2, додека на Интер е 2.40.
Во слична насока оди и „Elo“ рејтингот – 53% наспроти 47% во корист на францускиот тим, што говори дека разликата меѓу противниците е минимална.
Кој има повеќе успех во Лигата на шампионите?
На европско ниво, Интер е далеку поголем клуб. Тимот од Милано трипати ја освоил Лигата на шампионите – 1964, 1965 и 2010 година, а уште трипати загубил во финале (1967, 1972 и 2023).
Од друга страна, ПСЖ само еднаш стигна до финале – во специјалната „ковид“ сезона 2020, кога загуби од Баерн.
The 2025 Champions League final: Paris vs Inter 🍿#UCLfinal pic.twitter.com/BPgfW9CiuO
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) May 7, 2025
Каков е меѓусебниот биланс меѓу финалистите?
Интересно, досега не одиграле ниту еден официјален меч во европските купови.
Не се смета пријателскиот натпревар во „International Champions Cup“ во САД во 2016 година, кога ПСЖ победи со 3:1.
Се сретнале уште четири пати во пријателски средби – првите две ги добил францускиот тим (двапати по 1:0), додека последните две ги добил Интер: во 2019 година со 6:5 по пенали и во 2013 со 2:1.
Вкупно, ПСЖ води со 3 победи наспроти 2.