Кинескиот претседател Кси Џинпинг изјави дека Кина е подготвена да соработува со Европската Унија за проширување на меѓусебната отвореност и конструктивно решавање на разликите, објави денес државната новинска агенција Ксинхуа.
Изјавата доаѓа на 50-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Кина и ЕУ, во време кога двете страни се обидуваат да ги одмрзнат односите нарушени од глобалната несигурност и високите царини наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп.
Кси не ги спомена директно САД, но Пекинг во последно време интензивно се обидува да ги продлабочи политичките и економските врски со Европа за да ги ублажи последиците од американските царини што влијаат на поголемиот дел од кинескиот извоз.
„Здравите и стабилни односи меѓу Кина и ЕУ не само што придонесуваат за заеднички напредок, туку и носат светлина на остатокот од светот“, рече Си.
Тој ја повика Европската Унија да соработува со Кина за „заштита на праведноста и правдата“ и да се спротивстави на „едностраното насилство“, објави Ксинхуа, додавајќи дека кинескиот лидер ги опишал односите со ЕУ како едни од највлијателните во светот.
Кина изјави дека ќе ги поздрави посетите на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, „во соодветно време“ за заедничко одржување на нова рунда самити.
Оваа година, Кина и ЕУ планираат серија дијалози на високо ниво за стратегија, економија и трговија, зелена транзиција и дигитализација – објави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џиан, на прес-конференција.
Министерството, исто така, потврди дека Кина и Европскиот парламент одлучија повторно да ги овозможат меѓусебните посети и контакти.
Минатата недела, ЕУ објави дека Кина ќе ги укине санкциите против членовите на Европскиот парламент и неговиот поткомитет за човекови права. Овие санкции беа воведени во 2021 година откако Западот воведе мерки врз кинеските функционери обвинети за масовно затворање на муслимански Ујгури во регионот Синџијанг.
„Под сегашните околности, обете страни веруваат дека е исклучително важно Кина и Европа да го зајакнат дијалогот и соработката“, изјави Лин пред новинарите.
Изрази увереност дека обновените разговори ќе „внесат нов импулс“ во развојот на односите меѓу Кина и Европската Унија.