Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро управување, Арбен Фетаи, денеска реагираше во врска со дистанцирањето на Демократската унија за интеграција (ДУИ) од измените на Законот за организација на органите на државната управа, измени кои, како што вели, токму пратениците на оваа партија ги изгласаа на 10 јуни 2024 година.
Фетаи истакна дека ДУИ, во текот на 22 години владеење, ги измамила граѓаните правејќи стотици штетни компромиси на грбот на Албанците, молчела за политички монтирани случаи и не побарала правда за неразјаснетите убиства на поранешни борци на ОНА.
„И денес, како опозиција, се однесуваат исто: прво гласаат со својата рака за измените во уредувањето на државната администрација, а потоа ја напаѓаат владата за наводно ‘укинување’ на Инспекторатот за употреба на јазиците“, напиша Фетаи на својот Фејсбук-профил.
Тој потсетува дека Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со 88 гласа „за“, 22 „против“ и ниту еден воздржан, пред да биде избрана новата влада. Според него, измените не се однесуваат само на Инспекторатот за употреба на јазиците, туку на сите инспекторати, „им се одзема статусот на правно лице и се систематизираат под надлежните министерства, според појасен и поефикасен модел на отчетност и координација“.
„Денес, кога бучните од ДУИ пролеваат крокодилски солзи, ги повикуваме да побараат одговорност од своите пратеници – почнувајќи од претседателот па натаму,“ заклучува Фетаи, додавајќи дека лагата има кратки нозе.