Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, ја предводи армиската делегација на Меѓународниот саем за одбрана и вооружување DEFEA 25, кој се одржува во Атина во период од 5 до 7 мај, на покана на началникот на Националната одбрана на Република Грција, генерал Димитриос Хупис.
За време на посетата на саемот, Лафчиски и останатите членови на армиската делегација, имаа можност да погледнат дел од најновите достигнувања на полето на воена опрема и вооружување.
Посетата на саемот е дел од активностите на Генералштабот на кои се согледуваат можностите за модернизација на опремата со нови платформи, согласно потребите и приоритетите за развој на капацитетите и способностите на Армијата.
Во рамки на посетата, геЛафчиски оствари срeдба со началникот на Националната одбрана на Република Грција, генералот Хупис на која беше изразено уверување за продолжување на континуираната меѓуармиска соработка, особено во доменот на воената едукација, обука на специјалните сили, учество на вежби и меѓународни операции, како и за процесот на стандардизација во НАТО.
Лафчиски во оваа прилика изрази искрена благодарност за несебичната помош од страна на Република Грција, која веднаш ги понуди своите специјализирани капацитети за лицата на кои итно им беше потребен висококвалитетен медицински третман по пожарот кој се случи во Кочани. „Тоа претставува вистински одраз на солидарност и пријателство меѓу две соседски земји“, рече генералот Лафчиски.
На саемот DEFEA 25, кој се реализира под покровителство на грчкото Министерство за национална одбрана, 436 изложувачи од 37 земји прикажаа дел од најновата и најсофистицирана воена опрема за потребите на конвенционални, поморски, воздухопловни, национални и сајбер безбедносни одбранбени системи.