Премиерот на Македонија и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и претставниците на коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН), вечерва се на средба во Владата, дознава НетПрес.
Засега нема информација за темите за кои ќе се разговара на состанокот, но тој доаѓа по најновите случувања во коалицијата ВРЕДИ, откако претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, најави дека на следните локални избори ќе настапува самостојно, наместо намерите на коалицијата да се оди со заеднички кандидати и листи.
Кон крајот на април коалицијата ВРЕДИ (ВЛЕН) најави мораториум на сите јавни политички активности на партиите што ја сочинуваат и соопшти дека отсега ќе делува како единствен политички субјект. Тогаш Изет Меџити од Демократско движење, уште еднаш рече дека Владата е стабилна и дека нема потреба од предвремени парламентарни избори.
Во неделата во Валдата, исто така, се одржа средба меѓу премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство и лидер на Алијанса за Албанците (АА) Арбен Таравари околу иднината на функционирањето на АА во Владата. Најавено беше дека разговорите ќе продолжат, a исходот треба да се знае кон крајот на овој месец.
Според бифинзите, средбата меѓу Мицкоски и Таравари поминала во конструктивен тон, а во текот на месецов ќе се знае иднинатата за функционирањето на АА, откако премиерот на средбата ги потврдил претходно изнесените позиции дека партијата на Таравари треба да реши дали ќе продолжи во Владата и ќе оди по „патот на реформи и владеење на правото, борба за праведно општество и институции кои функционираат“ или ќе им се придружи на „оние политички сили кои со години ја криминализираат и уништуваат државата“, односно ќе соработува со опозициската ДУИ.