Вест Хем одигра нерешено 1-1 на домашен терен против Тотенхем во 35-то коло од Премиер лигата. Натпреварот го обележа емотивен момент, односно солзите на најдобриот играч на „чеканите“, Лукас Пакета.
Бразилецот доби жолт картон во 73-та минута поради прекршок, а кога судијата Мајкл Оливер му додели жолт картон, Пакета емотивно реагираше.
Пакета протестираше кај судијата дека фаулот не бил за јавната опомена, а потоа и заплака. Судијата Оливер се обиде да го утеши, како и капитенот на Вест Хем, Џерод Бовен.
Во текот на целата сезона, Пакета игра во сенка на истрага поради сомневања дека намерно добивал жолти картони за неговото семејство и пријателите да можат да профитираат во обложувалниците.
🚨 Lucas Paqueta cries after receiving a yellow card 😨! pic.twitter.com/KVudD7fX7E
— KinG £ (@xKGx__) May 4, 2025
Обвиненијата вклучуваат четири такви случаи. Истражителите пронајдоа околу 60 облози на неговите жолти картони во натпревари од 2022 и 2023 година, со влогови кои се движеле од 7 до 400 фунти.
Некои од облозите се поврзани со членови на неговото семејство. Пакета жестоко ги негираше сите обвинувања, тврдејќи дека жолтите се резултат на неговиот агресивен стил на игра.
Неговите адвокати наведоа дека, многу луѓе се обложуваат на жолтите картони, а чето го избираат Пакета бидејќи тој имал репутација на агресивен фудбалер кој често прави фаули.
Минатото лето, неговиот трансфер од 95 милиони евра во Манчестер сити пропадна токму поради истрагата што ја започна Фудбалската асоцијација (ФА).
Пакета се повлече од бразилската репрезентација за да се фокусира на својата правна одбрана. Тој целосно соработува со истражителите, предаде телефонски записи, банкарски извештаи и мобилен телефон.
Доколку биде прогласен за виновен, се соочува со доживотна забрана за играње фудбал.