Истражувачите од Белгија развиле нов метод: Би можел трајно да го „деактивира“ ХИВ вирусот

Точка

23/05/2025

17:48

252

Големина на фонт

а а а

Тим истражувачи од Универзитетот „Ку Лувен“ во Белгија објави значајно откритие кое би можело да го промени пристапот кон третманот на ХИВ.

Нивната студија, објавена во списанието „Nature Communications“, претстави нов метод што овозможува трајно деактивирање на ХИВ вирусот во заразените клетки, со што се спречува неговата репликација и пренесување.

За разлика од досегашните терапии кои бараат пациентот да ги зема доживотно, новиот метод има поинаков пристап.

Научниците смислија начин вирусот да остане „заспан“ во телото, без можност за понатамошно активирање и ширење.


Ова го спречува понатамошно оштетување на имунитетот и пренесување на други лица.

Потсетуваме, секоја година просечно 600.000 луѓе ширум светот умираат од ХИВ-инфекција.

„Се работи за голем и важен чекор, но ќе бидат потребни уште неколку години тестирање за да се потврди дека методот е безбеден и ефикасен за луѓето“, рече професорот Зегер Дебијесер од Медицинскиот факултет во Лувен, кој го предводел тимот истражувачи.

Планот е да се спроведат токсиколошки студии во текот на следната година, по што ќе следат клинички испитувања на здрави волонтери, а потоа и на пациенти.


Се очекува целиот процес да трае најмалку пет години.

Според Светската здравствена организација, речиси 40 милиони луѓе во светот живеат со ХИВ, додека повеќе од 600.000 починале од болести поврзани со вирусот минатата година. Само во Белгија живеат околу 18.000 луѓе со ХИВ.

Ова откритие дава надеж дека еден ден луѓето заразени со ХИВ ќе можат да живеат без секојдневна терапија.