„Животот е краток, а чувствата големи. Не знам колку полни месечини ќе видам, ниту колку фамилијарни ручеци ми остануваат. Затоа, сакам да го прославиме животот таков каков што е, со музика, со искреност – и без инает“, вели Владимир Четкар, познатиот џез гитарист со светска кариера.
Со овие зборови, Четкар го најавува својот четврти студиски албум „Let Us Be“, кој премиерно ќе го претстави на 8 мај во Јавна соба (Public Room) во Скопје. Настанот е старт на неговата интернационална турнеја, која потоа продолжува низ САД и Јапонија.
Од Скопје до Осака
Албумот „Let Us Be“ е снимен во Чикаго и Милвоки, со повеќе од 40 музичари. Целосната продукција е под капата на самиот Четкар – од композиција до аранжман, продукција и изведба. Објавен ексклузивно преку јапонската етикета P-Vine Records, веќе стои на полиците покрај имиња како Брус Спрингстин и Џими Хендрикс.
„Овој албум го изработив со целосна посветеност, како занает. Баш како што моите предци правеле четки што траат со генерации“, вели Четкар.
Скопје добива премиера
На концертот на 8 мај, македонската публика ќе има шанса прва да ги чуе композициите од новиот албум – пред публиката во Њујорк, Чикаго или Осака.
„Ова ќе биде искрен концерт. Свириме дома, со мојот состав, пред моите луѓе. Ветувам емоции, енергија и музика со душа“, најавува музичарот.
Зошто повторно Јавна соба?
„Тоа е место со посебна енергија, урбана и вистинска. Таму се собираат луѓе кои ја ценат музиката, храната, уметноста. Чувствувам поврзаност со просторот, како филтер за квалитет“, додава Четкар.
„Имаме емоции, ни фали искреност“
Иако често патува, Четкар внимателно ја следи македонската сцена.
„Имаме многу таленти, повеќе од порано. Но насекаде, па и кај нас, уметноста е во криза – се губи длабочината, трпението. Луѓето консумираат инстант емоции. Време е да се вратиме на корените и вистинските вредности.“
Тој ја истакнува важноста на македонскиот фолклор и оригиналноста на нашата музика:
„Имаме генијална лирика и мелодија – изворна и непоткупена. Можеме да ја комбинираме со фанк, рок, џез. Само ни треба повеќе храброст и космополитски дух.“
Турнеја без пауза
По концертот во Јавна соба, турнејата продолжува во Чикаго, Њујорк, Детроит, Кливленд, Колумбус, а потоа и во Јапонија – Осака и Кобе. Половина година Четкар ќе биде надвор од Македонија.
„Нема жалба – кога нешто го правиш со љубов и кога добиваш позитивен одѕив, добиваш сила“, вели тој.
„Let Us Be“ – порака за слобода и автентичност
„Сакаме да бидеме тоа што сме – автентични битија. Притисокот на нормите ни ја менува суштината. А ние, како народ, имаме уникатна мешавина на култури – тоа не е слабост, туку сила. Време е да се изразиме без страв.“
Не го пропуштајте концертот на 8.мај, 21ч, во Јавна соба, Скопје. Се гледаме!