„Пожарот ги зеде телата, системот ги уби душите“, „Каде да фатиме врски за да ги вратиме другарите“, „Селективна одговорност е неодговорност“, „Не умираме од несреќи, умираме од корупција!“ „Ги изгоревте децата со вашата алчност и негрижа“, ова се дел од транспарентите што ги носеа учесниците на маршот на семејствата на жртвите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, што се одржува во Скопје.
Пред Јавното обвинителство тие побараа оставка од повеќе поранешни и актуелни функционери, обвинители, директори, градоначалници…
„Дали Зоран Заев е затворен, дали Крсто Муковски е затворен. Учесниците од 24 април 2017 може да ги прогласат за терористи со илјадници години затвор, а дали направиле некаква ревизија во дискотеката. Тие се соучесници затоа што го криеле криминалот. Вие сте узурпатори, не сте вие државата, ние сме државата. Ве плаќаме илјадници евра да правите криминали“, рече Владимир Апостоловски, таткото на едно од загинатите деца.
Тој потоа читаше имиња и презимиња на актуелни и поранешни министри во МВР, во Министерството за економија, директори во Државниот пазарен инспекторат, директори во Дирекцијата за заштита и спасување, кои, според него, требало да бидат уапсени, а не се.
„Не знаат кој да апсат, имам список кои се највиновни – од Јавното обвинителство – господинот Коцевски, кој ќе го апси него, кој ќе го апси Љубомир Јовевски, дали се уапсени – не се уапсени. Панче Тошковски, кај се началниците што ги постави Тошковски. Дали се во затвор тие началници – не. Пред него Оливер Спасовски дали е приведен, не е, Наќе Чулев, Нухиу, Чавков, Јанкулоска – дали се уапсени – не. И министрите за економија, и директорите од Државниот пазарен инспекторат, и од Дирекцијата за заштита спасување. И градоначалниците на Кочани – не знаеле за тоа што се случува? Барем една проверка да направеа, еднаш да санкционираат“, рече Апостоловски.
„Повикуваме сите да излезете од Собранието, пуштени се некои ботови од родителите да го контаминираат овој наш марш. Не плашете се, не сме вооружени, дојдовме со срце затоа што ни убивте сè, ама не нè убивте и нас. Партијата не ве плаќа, ние ве плаќаме, напуштете ја оваа институција, еден по еден да си одите дома кај вашите деца – не плашете се, не сме терористи, само одете си. Тешко ќе се докажело кој е крив, ако е тешко, ако не ве бидува, марш, гитла“, рече Апостоловски пред зградата на Јавното обвинителство.
Тој праша што повеќе може да ни земат од ова. „И нашите души ни ги зедоа со душите на децата“, рече Апостоловски.
Маршот продолжува кон Собранието.