Европа би можела да остане без гориво за авиони за шест недели, предупредува директорот на Меѓународната агенција за енергија

Макфакс

16/04/2026

17:16

160

Големина на фонт

а а а

Европа би можела да остане без гориво за авиони за само шест недели, предупреди денес директорот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) Фатих Бирол и посочи на сè посериозните последици од кризата предизвикана од војната на Блискиот Исток и блокадата на Ормускиот теснец.

Во интервју за АП, Бирол оцени дека блокадата на клучниот морски пат за транспорт на нафта би можела да предизвика „најголемата енергетска криза со која некогаш сме се соочиле“, со предупредување дека последиците за глобалната економија ќе бидат потешки колку подолго трае кризата.

Според него, прекините во снабдувањето веќе водат до зголемување на цените на горивото, гасот и електричната енергија, при што одредени региони ќе бидат погодени повеќе од другите.

Тој претходно предупреди дека недостигот дополнително ќе се продлабочи во април, кога загубите во снабдувањето со нафта би можеле да бидат двојно поголеми од март, објавува CNN.

Бирол изјави дека последиците би можеле да бидат зголемување на инфлацијата и забавување на економскиот раст, особено во земјите во развој, со можност за воведување рационализација на енергијата во одредени земји.

Главниот економист на „Ристад енерџи“, Клаудио Галимберти, за Си-Ен-Ен изјави дека понатамошниот развој на ситуацијата во авиоиндустријата ќе зависи од тоа колку нафта и деривати ќе можат да поминат низ Ормускиот теснец.

Економистот на холандската банка ING Рико Луман истакна дека некои танкери веќе се запрени, што значи дека испораките од регионот на Блискиот Исток практично се запрени и дека е потребно итно да се најдат алтернативни извори на снабдување.

Кризата доаѓа во време кога европските авиокомпании се подготвуваат за летната туристичка сезона, која носи значителни приходи.

Според податоците на организацијата ACI Europe, воздушниот транспорт под нормални околности годишно генерира 851 милијарда евра бруто домашен производ и поддржува околу 14 милиони работни места во Европа.

Организацијата предупреди на можни проблеми во летната сезона, со „сериозни економски последици“ за земјите што зависат од туризмот и воздушниот сообраќај, доколку кризата со снабдувањето со енергија продолжи, пренесува Танјуг.