Претпродукцискиот модел на рускиот електричен автомобил „Атом“ првпат се појави на улиците на Москва.
Автомобилот се движеше по Павелечкиот насип, Третиот транспортен прстен, Лениновиот и Комсомолскиот проспект, како и по Проспектот на Мирот, пренесе руската агенција "РИА Новости".
Претсерискиот модел на „Атом“ беше претставен кон крајот на 2024 година, а проектот го развива акционерското друштво „Кама“.
Од компанијата „Кама“ соопштија дека годинава ќе започне со работа специјализиран сервисен центар за претсериски електрични автомобили. Центарот ќе служи за разработка на технологии за сервисирање преку повеќекратно расклопување и склопување на возилата, со цел подготовка на технички кадар кај сервисните партнери пред стартот на продажбата.
Според претходни информации, „Атом“ ќе биде опремен со електромотор од 150 kW (204 коњски сили), а автономијата би требало да достигне до 500 километри со едно полнење на батеријата. Почетокот на сериското производство е планиран за средината на оваа година во фабриката „Москвич“.
Кога автомобилот беше најавен во 2022 година, генералниот директор на „Кама“ зборуваше за изборот на името на возилото.
„Атом — така го нарековме нашиот електричен автомобил. Атом претставува создавање дигитална околина за нова мобилност и самото електрично возило“, изјави тој.
Тој додаде дека „меѓународниот инженерски и технички тим“ брои повеќе од 250 автомобилски дизајнери и ИТ програмери кои „имаат искуство во реализација на најголемите проекти во областа на електричниот транспорт, мобилноста и екосистемите во Русија, Кина, Европа и САД“.