Американскиот претседател Доналд Трамп го држи светот во неизвесност околу трговската политика која сè почесто се менува. Досега, американските потрошувачи беа во голема мера заштитени од нестабилност, но како што меѓународниот транспорт се адаптира на неговите политики, Трамп се соочува со потенцијални последици.
Додека трговската војна меѓу САД и Кина влијае врз контејнерскиот сообраќај меѓу двете најголеми економии во светот, бродските компании предупредуваат на пад на резервациите и сè почести „пловења со празни бродови“, односно заобиколување на одредени пристаништа или целосно откажување на транспортот, пишува „The Telegraph“.
На почетокот од оваа недела, извршните директори на американските малопродажни синџири биле во посета на Белата куќа за да пренесат јасно предупредување: царините за кинески стоки во рок од две недели ќе доведат до „празни полици“ доколку политиката итно не се промени.
„Волмарт“, „Таргет“ и „Хоум Дипо“ трпат најголема штета
Трите компании чии претставници присуствувале на состанокот – Волмарт, Таргет и Хоум Депо – се најпогодени од одлуките на американскиот претседател, кои вклучуваат царини до 145 отсто за кинески стоки и зголемени пристанишни такси за кинеските бродови.
„Волмарт“ набавува околу 60 отсто од своите увезени производи од Кина, вклучувајќи облека, електроника и играчки, покажува анкетата на „Ројтерс“, додека околу 50 отсто од добавувачите на „Таргет“ се исто така сместени во Кина.
Многу трговци на мало и производители имаат одредени резерви во своите магацини, што засега им овозможува полесно да ги надминат прекините. Но, овие резерви можат да траат само одреден временски период, обично неколку недели. После тоа, трговците на мало ќе се соочат со избор: да ги платат царините и да ги сносат дополнителните трошоци, да ги префрлат трошоците на потрошувачите или да престанат да купуваат стоки од Кина и да го прифатат недостигот на полиците.
Постојат знаци дека многу американски компании веќе реагирале со привремено откажување на нарачките. На бродовите од источниот брег на Кина им требаат приближно две до три недели за да стигнат до западниот брег на Америка.
Според податоците објавени од пристаништето во Лос Анџелес, кое прима големи количини стока од кинеските пристаништа како што е Шангај, контејнерскиот сообраќај оваа недела бил за 56 отсто поголем во однос на истиот период минатата година, веројатно поради големиот број нарачки што пристигнале непосредно пред објавувањето на царините од страна на Трамп на таканаречениот Ден на ослободувањето на 2 април.
Меѓутоа, се очекува сообраќајот да се намали за 11 отсто следната недела, а потоа и за 33 отсто недела потоа. Падот на очекуваните пристигнувања во Лос Анџелес следи по извештајот за „колапс“ на резервациите за контејнери во април. За пратките од Кина до САД, резервациите се намалиле за 64 отсто во првата недела од април во споредба со претходната недела.
Сè повеќе контејнерски бродови остануваат полупразни
Вината за овој пад аналитичарите ја припишуваат на увозниците кои ги откажале пратките за да „ги преиспитаат трошоците, времето и пошироката трговска стратегија“. Како резултат на тоа, сè повеќе контејнерски бродови остануваат полупразни, што ги охрабрува превозните компании да ги откажуваат пловидбите за да ги намалат загубите и да спречат пад на цените на транспортот.
Цената за транспорт на контејнер од 12 метри се намали од 5.729 долари на 2.793 долари од почетокот на годината, според податоците од „Xeneta“, платформата за следење на бродскиот сообраќај. Истовремено, бројот на празни пловидби драматично се зголемува. Според „Sea Intelligence“, од почетокот на април, бројот на откажани патувања помеѓу Азија и Источниот брег на Америка се дуплирал на повеќе од 40 отсто.
„Кога ги гледаме податоците, сосема е јасно дека влијанието на трговската војна предизвика многу компании целосно да ги паузираат или откажат своите пратки“, изјавиле аналитичарите на „Sea Intelligence“ во четврток, додавајќи: „Ова, пак, ја намалува побарувачката за капацитет на контејнерски бродови, на што превозниците реагираат со откажување на пловидбите. Ова ниво на ескалација на празен капацитет покажува драматична промена на пазарот.“
Питер Ајлот од Британската комора за бродарство вели дека прашањето дали ова ќе резултира со празни полици во американските продавници сега зависи од голем број фактори. Но, неизвесноста е таа што веројатно ќе предизвика најголема штета.
„Сè уште има многу неизвесност, а во таква ситуација, многумина едноставно ги прекинуваат своите активности и чекаат да видат што ќе се случи“, објаснил Ајлот.
Американскиот претседател досега ја бранеше својата царинска стратегија како неопходна за враќање на производството во САД. Но, само неколку часа по состанокот зад затворени врати со извршните директори на продавниците оваа недела, се чини дека тој драматично го променил својот став.
Помирувачки изјави на Трамп
„Ќе бидеме многу љубезни. Тие ќе бидат многу љубезни, па ќе видиме што ќе се случи“, им рече Трамп на новинарите во вторникот, во она што беше протолкувано како помирувачки став кон Кина.
Меѓутоа, повлекувањето од трговската војна под услови прифатливи за Вашингтон не е нешто што Трамп може сам да го одлучи. Пекинг возврати со царини од 125 отсто за американскиот увоз.
И покрај тврдењата на Трамп дека двете страни се во редовен контакт, портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи го отфрлил ова во четврток, велејќи им на новинарите дека таквата сугестија е неоснована.
Сега што и да сака Трамп да постигне, треба да го направи тоа брзо. Во спротивно, веќе во рок од неколку недели купувачите би можеле да ги видат последиците од оваа трговска војна на полиците во продавниците.