Шефови на држави, највисоки претставници на кралски семејства и црковни достоинственици денес ќе се збогуваат со папата Франциско, заедно со целиот христијански свет.
Сепак, на една од највлијателните личности на нашето време ѝ беше забрането да присуствува на погребот. Многумина се прашуваат зошто кралот Чарлс не е во Ватикан, но – сè си има свои причини.
Британскиот двор сè уште строго се придржува до традициите и протоколите воспоставени долго пред династијата Виндзор да го преземе престолот. Според едно од најважните правила, британскиот монарх е исто така врховен поглавар на Англиканската црква, додека ефективното водство е во рацете на надбискупот од Кентербери. Со тоа, кралот Чарлс е и глава на државната христијанска црква во Англија.
Англиканската црква, како што официјално се нарекува, се одвоила од Римокатоличката црква во 1534 година, со донесувањето на Законот за врховност. Тогаш кралот Хенри VIII побарал од папата Климент VII развод од Катерина Арагонска. Откако папата одбил да му дозволи развод, Хенри VIII сам се прогласил за поглавар на црквата во Англија.
Новоформираната црква усвоила некои од доктрините на протестантската реформација, а манастирите биле распуштени. Англиканската црква го добила својот конечен облик по 1558 година, кога кралицата Елизабета I се искачила на престолот. Оттогаш, британскиот монарх ја носи уставната титула Врховен гувернер на Англиканската црква.
Канонскиот закон вели: „Потврдуваме дека кралското врховно величество, постапувајќи според законите на царството, има највисока власт под Бога во ова царство и има врховна власт над сите лица, било црковни или граѓански.“
Црквата е базирана во градот Кантербери, во источна Англија, со надбискупот од Кентербери како нејзин примат, моментално Џастин Велби. Постои и надбискуп на Јорк, но неговата позиција има помал авторитет. Официјалната литургиска книга на Англиканската црква е „Книга на заедничка молитва“.
Иако кралот Чарлс неколку пати се сретнал со папата Франциско, поради горенаведените причини нема да присуствува на денешниот погреб. И неговата мајка, кралицата Елизабета II, никогаш не присуствуваше на погреб на папа за време на своето повеќе од седумдецениско владеење.
Кога папата Јован Павле II почина во 2005 година, принцот Чарлс присуствуваше на погребот во нејзино име. Тоа се случи еден ден пред неговата свадба со Камила. Сега, наместо кралот, на церемонијата во Рим присуствува неговиот син, принцот Вилијам.
Интересно е што кралот Чарлс е последниот шеф на држава кој се сретна со папата Франциско – само пред две недели, за време на неговата државна посета на Италија.