Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес јасно го отфрли тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека „Крим ќе остане во Русија“, велејќи дека полуостровот ѝ припаѓа на Украина.
„Нашиот став е непроменет: само украинскиот народ има право да одлучи кои територии ѝ припаѓаат на Украина“, изјави Зеленски пред новинарите во Киев, додавајќи: „Уставот на Украина вели дека сите привремено окупирани територии… ѝ припаѓаат на Украина, на украинскиот народ“.
Изјавата на Зеленски дојде откако Трамп во интервју за списанието „Тајм“, објавено денес, рече дека „Крим ќе остане со Русија“.
Трамп додаде дека „Зеленски го разбира тоа“ и дека „сите разбираат дека [Крим] е со нив долго време“, мислејќи на Русија. Крим е стратешки важен полуостров во јужна Украина што Русија нелегално го анектираше во 2014 година. Зеленски постојано ја отфрла идејата за признавање на регионот како руски.