Кога "Audi" минатата година го претстави освежениот "RS Q8", тврдеше дека станува збор за најмоќниот бензински модел од спортската дивизија на "Audi" што некогаш е произведен.
Во "Performance" изведбата, овој "SUV" развива 631 коњска сила и 850 Nm вртежен момент. Покрај суровата моќ, "RS Q8" тогаш ја презеде и титулата за најбрз "SUV" на "Nürburgring", симнувајќи го "Porsche Cayenne" од врвот.
Но, ако и тоа не беше доволно, германскиот тјунер "Mansory" сега ја претстави својата верзија на "RS Q8" – посилна дури и од "Lamborghini".
Речиси 1000 коњски сили– и поголем вртежен момент од "Urus"
Новата изведба од "Mansory" развива вртоглави 986 коњски сили и 1250 Nm вртежен момент – значително повеќе од серискиот модел. Овој тјунер го надмина и сопствениот претходен рекорд за цели 217 коњски сили и 250 Nm. Поважно, "RS Q8" на "Mansory" сега ги надминува и перформансите на "Lamborghini Urus SE", кој во својата plug-in хибридна верзија нуди 789 коњски сили и 950 Nm.
За да ги постигнат овие импресивни бројки, во "Mansory" извршија сеопфатни модификации на погонот. Инсталирани се турбополначи со поголеми оски и компресорски тркала, зајакнати лежишта на турбините и проширени влезови за воздух.
Други промени вклучуваат нови сензори за притисок со приспособени поставки, спортски воздушен филтер, издувен систем без катализатор, „downpipe“ цевки и водено ладење на интеркулерот.
Иако "Mansory" не објави официјални перформанси, не е исклучено дека нивниот "RS Q8" е побрз од фабричката верзија. За споредба, серискиот "RS Q8 Performance" и "Lamborghini Urus SE" забрзуваат до 100 km/h за 3.4 секунди. "Urus" има малку повисока максимална брзина – 312 km/h, додека "RS Q8" достигнува 305 km/h.
Гласен екстериер, уште погласен ентериер
Како и обично со креациите на "Mansory", надворешниот дизајн не е за оние со суптилен вкус. Црна каросерија со светложолти детали и проширен каросериски кит сигурно ќе ги подели мислењата. Не е официјално наведено, но според репутацијата на "Mansory", се претпоставува дека деловите се изработени од карбонски влакна.
Внатрешноста е целосно трансформирана. Доминира светложолта боја – од теписите и тапацирот на седиштата до кожните влошки на инструмент таблата. Секако, не недостигаат ниту карбонските елементи – бидејќи во светот на "Mansory", ништо не поминува без нив.
"Mansory" не ја откри цената на оваа екстремна верзија на "RS Q8", но со оглед на техничките и визуелните измени, станува збор за возило достапно само за најбогатите.