Флик за финалето со Реал во Копа Дел Реј: Тоа може да е предност…

Дерби

23/04/2025

15:02

473

Големина на фонт

а а а

Барселона во еден доминантен меч ја совлада Мајорка и со тоа направи нов исчекор во трката за титулата во шпанската Примера.

Домаќините беа супериорни во двете полувремиња, меѓутоа и покрај тоа што упатија неверојатни 40 удари само еден од нив заврши во мрежата на противникот и тоа оној на Дани Олмо во 46 минута.

Повеќе од јасно е дека каталонците ќе мора да поработат на тој сегмент затоа што со таква игра да се остане на само еден гол може да биде проблем, односно една шанса, еден момент, блесок на противникот може да ги остави со празни раце што во тековнава ситуација би била сериозен удар.

- Мислам дека одигравме добар натпревар, имавме многу шанси за гол, но јас сум среќен. Нивниот голман е добар. Всушност, сите тие добро се бранеа на Мајорка. Но, мислам дека направивме помалку грешки отколку на претходните натпревари. Во основа бевме добри, - истакна тренерот Ханси Флик.

Сега Барса може да се фокусира на финалето со Реал Мадрид во Купот на Шпанија кое е закажано за в сабота од 22 часот. Каталонците ќе бидат малку поодморени во однос на противникот кој денеска има меч со Хетафе, но според Флик тоа на крајот не мора ништо да значи.

- Може да биде предност, ама може и ништо да не значи. Сме одиграле многу натпревари и во другата ситуација. Реал Мадрид има одличен тим и еден од најдобрите тренери во светот. Анчелоти е џентлмен, имам најголема почит кон него. Во сабота ќе играме против Реал Мадрид на Карло и среќен сум што ќе го видам бидејќи Анчелоти е неверојатен тренер, - порача Германецот.