Европската куќа на фудбалот (УЕФА) се подготвува да воведе три нови правила во Лигата на шампионите.
Оваа сезона Лигата на шампионите наместо во групна фаза првпат се играше во нов лигашки формат со 36 екипи, а иако се уште трае нокаут-фазата, се подготвуваат нови правила за претстојната сезона.
Германскиот таблоид „Билд“, наведува дека имал пристап до документацијата на УЕФА и дека следната сезона ќе стапат на сила три нови правила кои можат значително да го променат натпреварувањето.
Дефинитивно се ќе биде решено на 30 мај на голем состанок, а еве што се менува:
1. Серии од пенали наместо продолженија
Укинувањето на класичното дополнително време од 30 минути би било исклучително популарно кај голем број фанови. Во случај на нерешено, веднаш би се изведувале пенали.
2. Предност на домашен терен за најдобро пласираните
Како и во кошарката, подобро пласираните екипи би ја имале предноста на домашниот терен, тоа е правило кое би можело да заживее од следната сезона.
Екипите кои би обезбедиле Топ 8 по групната фаза од лигашкиот дел би имале предност на домашен терен во четвртфиналето и полуфиналето во зависност од позицијата.
Моментално ова правило важи само за осминафиналето, по кое има ждрепка.
3. Повторно воведување на правилото „заштита на државите“
Клубовите од иста земја можеа да играат еден против друг уште од плејофот, но и тоа може да се промени.
УЕФА размислува да го врати стариот систем од следната сезона, каде тимовите од иста земја би можеле да се сретнат само во подоцнежните фази од Лигата на шампионите.