Аргентинскиот поглавар на Католичката црква, папата Франциско, почина во понеделник наутро, на 88-годишна возраст, од последици на мозочен удар, помалку од еден месец откако беше пуштен од болницата каде што се лекуваше од билатерална пневмонија.
Одлуката принцот Вилијам да го претставува кралот Чарлс на овој погреб се толкува како важен чекор кон неговата улога како иден глобален државник и монарх.
За потсетување, кралот Чарлс, тогашниот принц од Велс, присуствуваше на погребот на папата Јован Павле Втори во 2005 година, во име на неговата мајка, кралицата Елизабета Втора, која никогаш не присуствуваше на погребот на поглаварот на Католичката црква.
Од палатата потврдија: „Принцот од Велс ќе присуствува на погребот на папата Франциско, во име на неговото височество, кралот“.
Погребот ќе се одржи во сабота.
Веста за смртта на папата пристигна неполни 24 часа откако тој, со помош на својот асистент, успеа да им ја пренесе велигденската порака на верниците. Иако изгледаше исцрпено за време на прославата на Велигден, Франциско сепак ја поздрави толпата и се возеше низ плоштадот Свети Петар, додека илјадници верници воодушевено го бодреа.
Во понеделник наутро, околу 5:30, првите знаци на болест почнаа да го мачат папата. Според вестите на Ватикан, нешто повеќе од еден час подоцна, тој за последен пат му мавнал на својот личен асистент Страпети од болничкиот кревет, во, како што рекоа, „гест на збогум“, пред да падне во кома. Починал во 7 часот и 35 минути.
„Тој не страдаше. Сè се случи брзо“, соопшти Ватикан. „Тоа беше дискретна смрт, речиси ненадејна, без долго страдање и јавна тревога, исто како што живееше - дискретно и скромно.“
Погребот на папата Франциско ќе се одржи во сабота во 10 часот по локално време, на плоштадот Свети Петар, каде се очекува да присуствуваат околу 300.000 луѓе. Со мисата ќе претседава деканот на Колеџот за кардинали, Џовани Батиста Ре. Во својот последен тестамент, папата Фрањо изрази желба да биде погребан во базиликата Света Марија Мајор, место каде што често се молеше пред иконата на Дева Марија. Последен пат таму отиде на 12 април, неколку дена откако беше пуштен од болница, да се помоли во тишина и да остави цвеќе пред иконата што му беше особено драга.